Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ги повика земјите-членки на Г20 да го поддржат суверенитетот на Украина. Тоа е негово прво обраќање откако вчера, повеќе американски медиуми, повикувајќи се на анонимни извори од официјални лица, објавија дека САД ѝ одобриле на Украина да употребува американски ракети со долг дострел за напади врз внатрешноста на Русија.
Американскиот Стејт депаратмент уште не ја потврдува одлуката на Бајден, додека од Москва веќе пристигнаа предупредувачки тонови.
– САД силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. По мое мислење сите на оваа маса треба да го направат тоа – истакна американскиот претседател во заминување на првата пленарна сесија на Самитот Г20, што се одржува во Рио де Жанеиро.
Бајден исто така ги повика земјите-членки на Г20 да „го засилат притисокот врз Хамас“ со цел да се постигне прекин на огнот во Појасот Газа. Тој додаде дека ќе „продолжи да работи на постигнување договор“ пред да си замине од власт.
– Сите кои се овде ги повикувам да го зголемат притисокот врз Хамас, кој одбива договор – посочи Бајден.
Русија на Самитот на Г20 ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.