Кремљ тврди дека секој мировен предлог за ставање крај на војната во Украина ќе мора да ја прифати „новата реалност”, според која четири украински региони се анектирани од Русија.
„Ниту еден мировен план за Украина не може да постои доколку не се земе предвид припојувањето на четири нови региони во Руската Федерација“.
Ова денеска пред новинарите го изјави прес-секретарот на шефот на руската држава Дмитриј Песков.
– Засега нема „мировен план” за Украина, да почнеме со ова – рече портпаролот на Кремљ како одговор на барањето да се коментира иницијативата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за подготовка на „мировен план” до февруари, кога тој би сакал да одржи мировен самит, со посредство на ОН.
На 30 септември Русија официјално ги анектираше Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, иако борбите во овие региони продолжија. Анексијата уследи по референдумот што Украина и западните земји го опишаа како „измама” и целосно незаконски. Извештаите сугерираат дека жителите на тие региони биле принудени да гласаат и не можеле да ги напуштат областите додека не заврши спроведувањето на референдумот.
Русија не контролира целосно ниту еден од четирите региони. Делови од Херсон, вклучително и градот Херсон и областите околу реката Днепар, беа вратени под контрола на Украина во ноември по повлекувањето на Русија.