Македонски спортисти со светски глас кои досега рекламираа казина или обложувалници веќе нема да се снимаат вакви реклами, информира министерот за спорт Борко Ристовски.
– Немаме ништо против било која компанија да финансира клуб или федерација. Но, не сакаме истакнатите спортисти како личности да се истакнуваат во реклами за казина, за кладилници и за брзи кредити. Нашата замерка е во таа насока – вели Ристовски.
Министерот откри дека веќе имале разговори со сите спортисти кои ги рекламираат овие компании.
– Направивме џентлменски договор дека Горан Пандев повеќе нема да рекламира спортска кладилница, Иџе повеќе нема да рекламира, на Кире Лазаров му заврши договорот со компанијата и нема да го продолжи. Мислам дека многу набрзо овие личности ќе ги видите од другата страна, како промовираат вистински вредности – рече Ристовски.
Министерот за спорт на денешната прес-конференција даде отчет за сработеното во изминатите 100 дена и ги најави проектите на кои ќе работат во наредниот период.