Панчо од ДНК вчера ја изненади публиката со неговата најнова песна со наслов „Мами“, кој за првпат откако постои нивното дуо реши да ја изведе без неговата добро позната половина – Андреј.
Но за да биде се на „чисто“, Панчо оваа песна ја сними со одобрение и благослов на Андреј, кој од оправдани причини во моментов на снимањето не беше во Македонија.
Станува збор за нешто поразлично, нешто што е многу популарно во светот и се нарекува афро звук.
Се разбира, како останатите песни на ДНК, така и оваа ја создадоа вредните раце на Панчо и продуцентот Лазар Цветкоски.
Како што рековме, нешто поразлично од она што досега сме биле можеби навикнати да го слушаме од оваа музичка екипа, но ако ги земеме в предвид реакциите на социјалните мрежи, очигледно на публиката и се допаѓа „Мами“.
А Панчо не би бил Панчо ако и овој пат не се потрудеше да сними интересен видеоспот. Имено, спотот за новата песна е снимен градот Наполи и тоа токму во времето кога клубот на нашиот дијамант Елиф Елмас ја славеа освоената шампионска титула во Калчо лигата каде што Панчо и екипата која беше со него беа токму гости на Елмас.
Покрај одличната атмосфера од градот која е доловена во видеото, Панчо снимаше и во затрупаниот град Помпеја и Салерно, градот од каде започнува да се простира Амалфскиот брег.
– Морам тука да му се заблагодарам многу на Елиф за тоа што не пречека, ни обезбеди и влезници за натпреварот и не покани на забавата каде заедно со фудбалерите на клубот ја славеа шампионската титула – накусо изјави Панчо без да открива многу детали за дружбата со нашиот фудбалски дијамант со кој се многу блиски пријатели.
Инаку ова лето дуото ДНК ќе одржи многу настапи ширум нашата земја, а во блиска иднина ќе слушнеме и нешто ново од музичкото трио Панчо, Андреј и Лазар Цветкоски.