Партијата Десна на Фејсбук објави писмо за кое тврди дека го напишал претседателот Љупчо Палевски, a адресирано до актуелниот министер за правда Кренар Лога. Во писмото Палевски тврди дека сакал да биде екстрадиран од Турција уште во декември, но дека министерот не сторил ништо за да го овозможи тоа, а дека „пресметките на коалициските партнери за изборите“ ја одложиле екстрадицијата.
„Уште од првиот ден на моето апсење во Турција, 5 декември 2023, од суот во Баликесир барав веднаш да бидам екстрадиран во Македонија и од 17 јануари 2024 година турските власти чекаа на македонските правосудни органи за да почне процедурата за мојата екстрадиција“, се вели во писмото.
Според Министерството за правда, пак, Македонија на 7 декември 2023 година до Турција испратила барање за екстрадиција на Палевски.
Вчера министерот Кренар Лога на својот фејсбук-профил објави дека Македонија добила известување од Турција дека дале позитивен одговор на барањето на македонските власти за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо.
Љупчо Палевски Палчо во Македонија е осомничен за двојно убиство, на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Во продолжение го пренесуваме текстот од документот кој на Фејбук го објави партијата Десна:
„Министре, Кренар Лога!
Морам овака на лист од тетратка и лично да и се обратам како на политичар кој директно е одговорен за оваа катострофално дело, со зла намера водење на оваа правна постапка со име ЕКСТРАДИЦИЈА!
На писмото од мојата партија „ДЕСНА“ сте одговориле формално, не целосно, како да не сте информирани за Вашите Законски обврски. Тоа е причината за ова лично обраќање како на Министер за правда, кој е задолжен со Закон, а НЕ партија и желба, конкретно за оваа екстрадидиција од типот „ON CONSENT“, со моја воља, без противење и жалби кои произлегуваат од меѓународното право, како мое право!
Во Судот ми беше потврдено дека постапката трае максимално 40 дена, ЛИЧНО, од Судијата кој го водеше процесот.
Сè ова се Ваши обврски, од меѓународното право и билатерални договори со Р.Турција.
АРГУМЕНТОТ дека извршувате партиски политички наредби, а НЕ спроведување на законски обврски, е следниот аргумент кој ќе Ви го објаснам: Како Атачмент Ви праќам документ на Англиски од Судот во Баликесир.
1. На 5 декември 2023 година бев уапсен, а на 6 декември во Судот на прашање од судијата, ја ОДБРАВ БРЗАТА постапка „ON CONSENT”.
2. На сослушувањето на повисокиот суд на 23 декември 2023 година, исто така на прашање од Судија, одбрав брза постапка „ON CONSENT” со слободна воља, без противење! Исто така во ова сослушување на прашање од Судија, одговорив дека не постои опасност од МОЕ УБИВАЊЕ и МАЧЕЊЕ во правосудниот систем на Македонија !! со кој Вие раководите !!
Се ова претходно пишано значи дека Судот во Баликесир во 3 (три) недели ја заврши целата постапка „ON CONSENT”, а од 17 јануари 2024 година, предметот се наоѓа на маса кај Вашиот колега, Министер за правда на Р.Турција, во Анкара!
Безобразно и срамно е Вашиот сектор за информирање, во писмо до мојата партија „ДЕСНА” напишал цела една реченица во која објаснува дека Вие на 7. декември 2023 година сте испратиле барање за екстрадиција кон Р.Турција.
Тоа е првиот чекор кој сте морале да го направите за да Вашиот коалициски партиски малоумник Спасовски преку ИНТЕРПОЛ изготви меѓународна потерница, а НЕ одговор на писмото, зошто не спроведувате законски обврски во оваа политичка провинција каде правите што сакате!
Од 7 декември 2023 година, до денес, изминаа 5 месеци, а Вие како министер НЕ сте направиле НИШТО за да бидам изведен пред органите на прогонот (ОЈО) за да можам активно да се бранам, тоа е моето неприкосновено право, од Закон произлезено!
Партиското барање и задача од Вашиот коалициски партнер да ме држите далеку од Македонија за време на изборите, најблаго кажано е Европско „прогресивно “лицемерие, но и кршење на Закон и мои елементарни човекови права!
Воопшто НЕ се битни Вашите изјави и скапи оделца за селобери пред канта тропа медиуми во оваа политичка провинција Македонија. Ако НЕМА кој да Ви каже, еве јас ЈАВНО Ви кажувам: ЧОЕЧЕ кршиш меѓународно право и купишта Конвенции и Билатерален договор со Р.Турција. Многу е едноставно, просто, дури и за IQ50, дури и Хомо Али ова го разбира!
29/04/2024 Баликесир
Турција
ПОЗДРАВ
Не почит, само ПОЗДРАВ! ПАЛЧО од пусто Турско!
с.р.“, се вели во писмото.