Откупната цена за вранецот и за смедеревката 19, 20 денари и 22, 23 денари е рекордна и историска. Таа е 25 проценти повисока од минатогодишната, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа како се одвива откупот на грозјето.
– Можам да кажам дека навистина лозарите и луѓето кои што се занимаваат со оваа работа се задоволни. Секако може секогаш подобро – додаде тој.
Премиерот ги охрабри винарските визби, производителите на вино, како и оние коишто го откупуваат грозјето уште повеќе, ако можат и дозволуваат нивните бизнис планови, да ја зголемат цената, бидејќи вообичаен род е некаде меѓу 100 до 120 милиони килограми.
– Јас би ги охрабрил производителите на вино коишто го откупуваат грозјето уште повеќе ако дозволуваат нивните бизнис планови да ја зголемат цената, бидејќи знаете вообичаен род е некаде меѓу 100 до 120 милиони килограми. Оваа година поради временските предизвици има негде меѓу 65 до 70 милиони килограми. Секако нема доволно род на пазарот, така што ги охрабрувам уште повеќе да ги стимулираме земјоделците, лозарите да се вратат на нивите, да ги возобновиме лозовите насади и повторно да можеме да произведуваме од 100 до 120 милиони килограми во текот на годината – рече премиерот.