Непријателот на Путин, Алексеј Навални, бил „цврсто врзан за рацете и за нозете“ 4 до 5 часа пред да биде прогласен за мртов, се тврди во нов извештај, објави Дејли мејл.
Руската организација за човекови права „Гулагу.нет“ (gulagu.net) тврди дека форензичарот кој го прегледал телото на 47-годишниот лидер на опозицијата бил под притисок на тајните служби да ги сокрие неговите наоди.
Првичните руски извештаи велеа дека Навални умрел од „откачен тромб“ во пеколниот арктички затвор, наречен Поларен волк, каде што бил затворен.
Сега, во краткиот извештај, организацијата вели: „Експертот од судска медицина бил под притисок да го прикрие откривањето на згрутчување на крвта во мускулите на рацете и на потколеницата“.
Ова укажува на „формирање тромб поради нарушување на нормалната циркулација на крвта“.
Изворот вели дека форензичарот „верувал дека 4 до 5 часа пред почетокот на биолошката смрт, на затвореникот му биле врзани рацете и нозете“.
„Неговите екстремитети „биле цврсто врзани, па крвта стагнирала и во неа се формирале згрутчувања кои ги блокирале пулмоналната артерија и крвните садови на мозокот“, се вели во соопштението на организацијата на чело со Владимир Осечкин.
Не беа понудени докази за тврдењето за директно физичко малтретирање, но западните лидери и другите руски дисиденти веќе тврдеа дека Навални бил убиен по наредба на Владимир Путин.
Форензичкиот експерт и истражителите на Истражниот одбор „се под голем притисок од Федералната служба за безбедност (ФСБ) да ја попречат истрагата“. Им било кажано да ги „скријат околностите за извршување на особено тешко кривично дело против Алексеј Навални – тортура и нарачано убиство“.
Познато е дека руските власти го продолжија рокот за прелиминарната истрага за сѐ уште нерасчистената смрт на затворениот руски опозициски лидер.
Новиот датум за продолжување на истрагата е 20 април, според Иван Жданов, директор на фондацијата „Навални“ за борба против корупцијата. Тоа значи дека „сѐ уште нема официјални информации од владата за причината за смртта“, рече тој.
ФСБ е обвинета за претходен обид да го убие Навални труејќи го со нервниот агенс „Новичок“.
Навални ненадејно почина на 16 февруари во оддалечена казнена колонија на Арктикот, каде што отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам кој нашироко се смета за политички мотивиран. Тој се појави на видео непосредно пред неговата смрт и изгледаше здрав.