Соединението добиено од крвната плазма на млади свињи успешно го поместува биолошкиот часовник во спротивна насока кај стаорците. Доколку истото функционирало кај луѓето, 80-годишникот би го вратил на 26 години, тврдат научниците.
Група меѓународни истражувачи откриле дека лек добиен од крвната плазма на млади свињи (плазма фракција) го „врти назад“ биолошкиот часовник кај старечките стаорци, пишува весникот Independent.
Во една студија објавена во научното списание GeroScience, кое објавува написи за истражувања поврзани со стареењето, беше напишано дека соединението од сложени наночестички и млада плазма – наречено Е5 – може да го помести биолошкиот часовник на стаорците во просек за речиси 70 проценти. Ако ова се пренесе на луѓето, ефектот би можел да се спореди со 80-годишник кој се враќа на 26-годишна возраст, тврдат научниците.
Ја подмладува крвта, срцето и црниот дроб, ги подобрува когнитивните функции
Научниците го тестирале соединението Е5 на различни ткива на стаорци и откриле дека значително ја менува биолошката или епигенетската старост на крвта, срцето и црниот дроб.
„Третманот ја преполови епигенетската старост на крвта, срцето и ткивото на црниот дроб“, напишаа научниците. Ефектот беше „помалку изразен, но статистички значаен“ и при подмладување на хипоталамусот, делот од мозокот кој ги поврзува нервниот и ендокриниот систем. Освен што го подобриле функционирањето на споменатите органи, научниците забележале и подобрување на однесувањето и когнитивните способности на стаорците кои учествувале во тестирањето. „Откривме дека третманот со плазма фракции е постојано ефикасен и кај машките и кај женските стаорци, драстично намалувајќи ја епигенетската возраст на неколку ткива на стаорци“, велат истражувачите.
Ефектите на Е5 сè уште не се тестирани на човечките ткива, но истражувачите велат дека „има простор за оптимизам“ дека лекот може да делува и на нив. Сепак, предупредуваат дека има и причини за сомнеж. Тие посочуваат дека биолошките маркери на стареење забележани кај стаорците можат значително да се разликуваат од човечките. „Она што може да биде штетно или корисно за еден вид може да биде ирелевантно за друг“, велат тие, сугерирајќи дека тоа би можело да биде причината зошто многу третмани за подмладување кои се ефикасни кај глодарите не се преведуваат ефикасно за луѓето.