Откако се појави видеото од девојче снимено во Виена, во придружба на две жени, кое наликува на исчезнатата Данка Илиќ, за српскиот Курир проговори дедо на Данка.
– Не знам ништо, додека не биде официјално објавено, не можам многу да кажам околу тоа – кратко рекол дедото, а на новинарското прашање дали знае за што точно станува збор, како и дали го видел објавеното видео, рекол дека не го ни видел.
И вујкото на девојчето ја коментирал снимката.
– Го видов видеото. Додека 100% не се утврди дека е Данка, не ми е полесно… Видеото е премногу матно – изјавил за Блиц вујкото Стефан Драгомировиќ.
Откако се појави видеото од Виена, од сите страни има реакции. За семејството на исчезнатото девојче, видеото е надеж дека е живо, но неизвесноста сѐ уште е присутна.
– Многу ми е тешко да чекам вести – рекол вујкото.
Како што додава, не знае дали мајката на Данка Илиќ го видела видеото.
Тој ги коментирал сличностите меѓу девојчето од видеото и неговото внуче.
– Па, косата и одењето се слични – додал Драгомировиќ.
Курир пишува дека семејството нема роднини во Виена.
Полицијата ги презела сите мерки за проверка на добиените информации.
Се замолуваат и сите кои живеат во Виена, доколку ја видат Данка, да пријават во полиција.
Данка има 2 години, кафеава коса и кафеави очи, а висока е околу 85 сантиметри.