Основното јавно обвинителство Тетово потврди дека 17-годишна девојка е осомничена дека со умисла лишила од живот дете на возраст од 16 години.
По вербална расправија во автомобил кај месноста Бањиче, таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката.
Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка против едно лице за кои постои сомнение дека сторило кривични дело Убиство од член 123 став 1 од КЗ.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор.
Алсат-М објави дека во следниве неколку дена девојката ќе биде под психијатриски надзор, за да се утврди нејзината здравствена состојба.
МИА објави дека седумнаесетгодишната девојка е од тетовско Рогле, а полицијата за настанот направила службен разговор со уште едно малолетно машко лице од Тетово.
– На 22.12.2022 во 14 часот во СВР Тетово бил извршен службен разговор со 17-годишна малолетничка од тетовско Рогле. Исто така, во врска со настанот, во присуство на родител, претставник од Центар за социјални работи, адвокат и медицинско лице бил извршен разговор и со 17-годишен малолетник од Тетово – соопшти СВР Тетово.
Малолетникот на 16 години, кој беше најден починат, е од Ново Село, Општина Желино, информираше СВР Тетово. Неговиот татко во средата околу 16 часот пријавил дека се оддалечил од дома со автомобил. Возилото беше најдено vo 02.20 часот, во близина на угостителски објект кaj Бањиче, додека безживотното тело околу 7 часот вчера наутро.
На местото кадешто беше најден малолетникот смрт констатираше лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител, телото беше дадено на обдукција.