Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека бил „притиснат до ѕид“ за да го одобри договорот на Европската унија за испраќање нова помош за Украина и оти на тој начин го избегнал ризикот Унгарија да ги загуби средствата од фондовите на Унијата.
Орбан за унгарското државно радио изјави дека одлуката што ја донел вчера е добра, бидејќи ако Унгарија ставела вето на новата финансиска помош на ЕУ за Украина, другите 26 членки на ЕУ би се согласиле да испратат помош, а на Будимпешта ќе ѝ беа одземени средствата од Европските фондови.
Тој тврди дека успешно спречил пренасочување на унгарските пари од фондовите на ЕУ во Украина.
– Ние не испраќаме оружје (во Украина), ги добиваме нашите пари од Брисел и ќе придонесеме за цивилното финансирање на Украина – рече Орбан.
По кревање на „рампата“ за 50 милијарди евра помош за Украина Орбан повтори дека би требало да почнат мировните преговори меѓу Украина и Русија, оценувајќи дека времето е на страната на Русите, како и дека Брисел треба да ги насочи сите свои напори на што поскоро постигнување примирје, по што би следеле мировни преговори.
Тој истакна дека по вчерашниот самит на ЕУ, Украина повеќе ги почитува правата на унгарското малцинство во регионот Закарпатија.
Орбан рече дека на украинските земјоделски производи не треба да им се дозволи влез на европскиот пазар под сегашните услови, тврдејќи дека „би било најдобро воопшто да не им се дозволи“.