More

    Од Норвешка и Шведска, Америка, Италија, до Бразил, ексклузивна и возбудлива програма на 42. Скопски џез фестивал

    spot_img

    Во четврток стартува 42. издание на Скопскиот џез фестивал кој ќе се одржи од 19 до 22 октомври. Грижливо селектираната програма, покрај императивот за одржување на високиот интернационален рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика, годинава ја повикува публиката на будно следење на вредните концертни настани во согласност со мотото на Гард Нилсен Суперсоник Оркестра: „Ако слушаш внимателно, музиката ќе биде твоја!“. Единаесет светски етаблирани состави од САД, Европа, Бразил и Македонија ќе  ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Програмата, распоредена во четири вечери, е исклучително силна, разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

    Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивната премиерна изведба на делото „After the Wildfire”, специјално, исклучиво за оваа прилика, компонирано од норвешките џез ѕвезди Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин за Fame’s Institute Orchestra, а во изведбата ќе бидат вклучени и неколку познати македонски пејачки и кавалџии.

    Истата вечер во МКЦ ќе настапи култниот композитор, корнетист, пејач, поет и еклектичен ерудит Бен Ламар Геј со неговиот ансамбл. Станува збор за еден од најоригиналните џез-уметници денес, претставник на инспиративната чикашка музичка сцена и потписник на водечката издавачка етикета во светот кога е во прашање современата креативна музика – International Anthem. Звукот на Геј поседува уникатен, препознатлив стил што тој го нарекува ‘Pan-American’, со широк спектар на влијанија: од џез до фанк, од R&B до тропикалија и од хип хоп до електро и современа класика.

    Втората фестивалска вечер ќе ја одбележат два различни, но исклучително интересни концертни настапи. Најпрвин, легендарниот италијански саксофонист Роберто Отавијано со својот актуелен проект „Eternal Love“, посветен на Африка, нејзината култура, музика и луѓе, во ера на миграции и расна нетрпеливост што опасно нè потсетува на Америка од 50-тите и 60-тите години. Заедно со својот блескав квинтет, Отавијано нè води на возбудливо патување, во потрагата по звук и јазик што ќе ги обедини слободната импровизација, славната традиција на џезот и културните корени.

    Силви Курвоазие и Мери Халворсон се прославени современи импровизаторки кои на апстракцијата ѝ пристапуваат од две различни перспективи: Курвоазие како пијанистка што ги премостува фри џезот и европската класична музика, и Халворсон како деконструктивна гитарска импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена. Нивната музика има во себе нешто треперливо, понекогаш збунувачко, а на слушателите им задава предизвикувачка задача: да ги замислат заедно конструкцијата и негацијата како процес, да ги слушаат хармониите во нивната декомпозиција, да го разберат непознатото како утописка потрага по поинаков јазик, накратко: како една прекрасна авантура.

    Полноќниот концерт на домашниот џез состав Cobalt Code Unit ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за четири млади музички аскети кои, низ призмата на авангардниот израз, ги контемплираат хоризонтите на современиот џез, слободната импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж.

    Саботната вечер на претстојното издание на фестивалот ќе помине во знакот на две значајни имиња на американскиот џез. Големиот џез пијанист Џејсон Моран ќе одржи соло рецитал. Последното гостување на овој брилијантен уметник на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon. На годинешното фестивалско издание имаме прилика да го доживееме соло и да уживаме во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.

    Во текот на изминатите неколку години, Џоел Рос се истакна како еден од клучните протагонисти на новата генерација американски џез музичари, градејќи сè побројна и попосветена публика. Иако млад, го сметаат за најдобар џез-вибрафонист во светот во моментов, наследник на легендарните Милт Џексон и Гери Бартон. Познат е по своите извонредни технички вештини и виртуозност, но и по искрениот и автентичен пристап кон музиката. Ова е неговиот прв настап во Скопје, со својот квартет Good Vibes.

    Во полноќната саботна програма ќе имаме прилика да уживаме во уникатниот перформанс на тандемот „Rite“, составен од Зое Пиа и Матс Густафсон. Зое Пиа е италијанска кларинетистка, композиторка, музички ентузијаст и истражувач од Сардинија, а Матс Густафсон е познат шведски саксофонист, импровизатор, композитор и херој на скандинавската фри-џез сцена. Заедно најавуваат патување низ досега неистражени аудио предели и подлабоко проникнување во богатите култури на традиционалната музика и новите креативни јазици на експерименталната музика.

    Последната вечер на 42. Скопски џез фестивал ќе ја отвори триото Златко Каучич/Бери Гај/Агусти Фернандез. Каучич е неприкосновена словенечка џез и импро легенда, плоден композитор, тапанар и уметник во слободен стил. Бери Гај е иновативен басист и композитор чијашто креативна разновидност во областа на џез импровизацијата, камерната и оркестарската изведба, како и соло рециталите, е резултат на страста за експериментирање и идеалот за музичка комуникација. Агусти Фернандез е еден од ретките шпански музичари со висок интернационален рејтинг и светска референца во областа на импровизираната музика. Три музички икони, мајстори на импровизацијата и рафинираната композиција кои остварија силна музичка врска уште пред да се сретнат.

    Уште еден ексклузивитет во богатата програма на 42. Скопски џез фестивал: многубројната скандинавска екипа која во последниве три години го освои светот и е „привилегија“ на најквалитетните и најелитните европски џез фестивaли – Gard Nilssen Supersonic Orchestra. Вистински „дрим-тим“, во кој се наоѓаат 18 големи имиња на скандинавскиот џез, сите поединечно силни лидери на бендови и импровизатори од светска класа. Музиката е енергична, сугестивна, динамична, креативна и експлозивна, инспирирана од Орнет Колман, Фела Кути, Сан Ра, Алис Колтрејн, Дјук Елингтон, Луис Мохоло и Кертис Мејфилд. Слободна музика, полна со децибели, а сепак мелодична и експресивна.

    Годинешното фестивалско издание ќе го затвори еден од најпознатите, највозбудливите и највлијателните експоненти на современиот афро-бразилски звук денес – Bixiga 70. Тие умешно ги вткајуваат бразилските влијанија во својот звук, создавајќи уникатно и моќно музичко искуство. На завршниот концерт на 42. Скопски џез фестивал, експлозивните Бразилци ќе го претстават својот најнов, штотуку објавен, петти албум „Vapor“ (Glitterbeat Records), поведувајќи ја публиката во неизбежен танц до доцна во ноќта.

    Како дел од придружната програма на фестивалот, во петокот беше промовирано новото (50) CD-издание на SJF Records, албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Filip Bukrshliev Trio, а синоќа беа прикажани две врни документарни филмски остварувања од областа на џез музиката: Art Pepper: Notes From a Jazz Survivor (Арт Пепер: белешки на еден преживеан џезер) и Music for Black Pigeons (Музика за црни гулаби). Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2023 година, а ќе биде организирана и Џез работилница за деца „Jazz for Kids”. Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со УНХЦР, продолжува да го негува проектот Џез за солидарност со бегалците, упатувајќи уште еден гласен апел за емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежните…

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img