Судот на Никола Груевски да му изрече највисока казна, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената, предложи јавната обвинителка Лиле Стефанова во завршните зборови за предметот „Плацеви на Водно“.
Воедно, обвинителката денеска од судот побара конфискација на земјиштето на Водно и во Крушево на Груевски, становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во „Панорама“, сопственост на фирмата „СС инвестмент“. Што се однесува на останатите обвинети застапникот на обвинението го процени како исклучително важен исказот на обвинетиот Ристо Новачевски и му предложи на судот истиот да биде условно казнет. Додека за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.
– При одлучувањето на видот и висината на казната за Груевски, за кој сметам дека во целост се утврдија кривичните дела кои му се ставаат на товар, судот да има предвид дека обвинетиот цело време како премиер и претседател на политичка партија ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и тоа го правеше до крај, до завршувањето на оваа постапка. Сметам дека треба, со оглед дека е во бегство, да му бидат изречени највисоките казни предвидени во законот – рече Стефанова.
Спроед неа, Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот.
– Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствијата кои му се ставата на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент“ за становите во „Панорама“ – рече обвинителката Стефанова.
– Првата работа која се утврди преку доказите е дека обвинетиот Никола Груевски во 2012 година за себе преку фирмата „Сирах инженеринг“ си купил недвижен имот лоциран во место викано Шербетница на Водно со точните описи на земјиштето дадени во обвинителниот акт. Ваквата фактичка состојба судот со сигурност ќе ја утврди од изведените вербални докази, од изјавите на обвинетите Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, како и од исказите на сведоците Серјожа Марков, Миле Јанакиески, Александар Јанакиески и Мартин Протуѓер – рече Стефанова.
Одбраната на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кој се суди во отсуство истакна дека судот треба да им довери верба на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.
Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.