Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) поднесе обвиненија против 15 вработени во Управата за јавни приходи во врска со случајот „Синџир“ во кој се обвинети повеќе лица за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, во кој веќе се донесени затворски пресуди за повеќе лица кои ја признаа вината.
ЈО информира дека обвинетите се службени лица во УЈП кои во периодот кога ги извршиле делата биле главни генерални инспектори или вршители на должност, нивни заменици, управници на регионалните дирекции, началници на даночни инспекторати и раководители на одделенијата за регистрација и утврдување на даноци во регионалните дирекции, како и членови на телата за одобрување на ДДВ побарувања при регионалните дирекции, самостоен даночен советник за анализа на ризик и инспектор за даночни обврзници.
„И покрај поднесениот обвинителен акт за предметот познат како „Синџир“, предметниот обвинител во ОЈОГОКК продолжи со постапување. Постапката е како резултат на индициите што произлегоа од доказите што обвинителството ги достави до судот со поднесување на обвинителниот акт во предметот „Синџир“. Врз основа на дополнително обезбедениот доказен материјал денеска до Основниот кривичен суд Скопје обвинителството поднесе обвинителен предлог против 15 лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп. На сите обвинети им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 и членот 45 од Кривичниот закон“, соопшти Јавното обвинителство.
Според дејствијата содржани во диспозитивот на предлогот, се додава во соопштението, обвинетите во периодот од 1.1.2019 до 31.12.2021 година како службени лица во УЈП , искористувајќи ист траен однос и исти прилики, не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета. Притоа, постапиле спротивно на одредбите од Законот за даночна постапка, Законот за управата за јавни приходи, Правилникот за систематизација на работни места во Министерството за финансии – Управа за јавни приходи, Процедурата за надворешна контрола, Упатството за одобрување и враќање на даночно побарување за ДДВ и Правилникот за внатрешна организација на УЈО.
„Така, во зависност од нивните службени овластувања не ја организирале и координирале работата на Генералниот даночен инспекторат со функциите на Регионалните даночни инспекторати во Скопје, Прилеп и Битола, за дел од даночните обврзници не извршиле соодветно рангирање според степенот на ризичност и самостојно не издале налози за контроли, не изготвиле предлог-листи на даночни обврзници за вршење надворешна контрола, иако дел од обврзниците според степенот на ризик припаѓале во ризични даночни обврзници каде задолжително било потребно да се извршуваат надворешни контроли. Така, за дел од кривично одговорните правни лица опфатени во предметот „Синџир“, кои како даночни обврзници поднесувале задолжителни даночни пријави и годишни завршни сметки во Регионалните дирекции Прилеп, Битола и Скопје, по основ на непресметан и неплатен данок прибавиле значителна имотна корист во износ од 167.918.419 денари предизвикувајќи штета на УЈП во вкупен износ од 206.456.437 денари (3,3 милиони евра)“ соопшти Обвинителството.
Заедно со Обвинителниот предлог, се додава, имајќи ги предвид околностите сврзани за личноста на обвинетите, околностите под кои е сторено делото, особено имајќи предвид дека обвинетите се службени лица кои во вршење на својата служба го имаат сторено кривичното дело и дека може да бидат недостапни на органите на прогонот и на тој начин да го оневозможат непреченото водење на постапката, предметниот обвинител поднесе и посебен предлог со кој предлага судот спрема обвинетите да определи мерки на претпазливост.
„Воедно, укажувајќи дека во Специјализирано судско одделение за судење на кривични дела од областа на организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје веќе се постапува по предмет оформен по обвинителен акт на ОЈОГОКК од 22.1.2024 година против физички и правни лица обвинети за кривични дела злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари и други приноси од казниво, предметниот обвинител достави и посебен предлог да се спроведе единствена постапка и поднесениот обвинителен предлог да биде споен во веќе оформениот предмет. Како образложение на предлогот Обвинителството укажа дека постои меѓусебна врска помеѓу извршените кривични дела сторени од страна на обвинетите наведени во обвинителниот предлог и кривичните дела сторени од страна на обвинетите наведени во поднесениот обвинителен акт, како и дел од доказите кои веќе се доставени со претходно поднесениот обвинителен акт“, соопшти ЈО.
Во случајот „Синџир“ се обвинети триесетина физички и правни лица. Во јули годинава дел од обвинетите кои признаа вина во „Синџир“ добија затворски казни и една условна казна затвор. Првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор, неговиот татко две години казна затвор и 1.000 евра казна, мајката на првообвинетиот доби година и единаесет месеци затворска казна и уште 1.000 евра казна. Останатите двајца обвинети кои признаа вина, добија по две години затвор и по 1.000 евра казна, а еден обвинет доби условна казна затвор. За шест фирми чии застапници, исто така признаа вина судот изрече парични казни и забрани за учество во јавни повици и концесии. За останатите 11 обвинети кои не признаа вина постапката продолжи.
Со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица биле постигнати спогодби, со кои во државниот буџет се вратени речиси 1.000.000 евра.
Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица.
Според обвинителниот акт обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 1.1.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок и поктај законската обврска да се плати.
„На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра. Паричните средства што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово“ соопшти тогаш ЈО.