Новиот американски претседател Доналд Трамп победи и во сојузната држава Аризона, со што оствари победа во сите 7 клучни, таканаречени „свинг“ држави, пренесува Си-би-ес њуз.
Со победата во Аризона, Трамп освои 11 електорски гласови и има вкупно 312, додека неговата ривалка Камала Харис освои 226 електорски гласови.
Според Асошиетед прес, за Трамп гласале 74,6 милиони гласачи на национално ниво или 50,5%, додека Харис имала 70,9 милиони гласови или 48%.
Покрај Аризона, Трамп освои уште 6 клучни држави: Мичиген, Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина, Висконсин и Невада.
Победата на претседателските избори во Америка оди во рацете на кандидатот кој ќе освои најмалку 270 електорски гласови.
Трамп треба официјално да ја преземе новата функција на 20 јануари.
Републиканците се блиску до преземање на контролата врз Претставничкиот дом, што е од клучно значење за непречено спроведување на политиките на новоизбраниот претседател Трамп. Иако уште се пребројуваат гласовите од изборите на 5 ноември, републиканците обезбедија 213 места во 435-члениот Претставнички дом, наведува Едисон Рисрч.
Републиканците треба да освојат уште 5 места за да ја задржат контролата врз Претставничкиот дом и веќе имаат доволно обезбедени места за да ја преземат контролата врз американскиот Сенат од демократите.
Доналд Трамп им вети на Американците дека ќе го подобри нивниот животен стандард со намалување на даноците. Републиканецот, исто така, рече дека ќе изврши „масовна“ депортација на мигрантите кои се илегално во земјата.