Најмалку седум лица, од кои три деца, загинаа во пожарот што избувна како последица на синоќешниот руски напад со дронови врз Харков, соопштија украинските власти.
„За жал, бројот на загинати во нападите на Харков се зголеми на седум. Меѓу нив има три деца на возраст од седум, четири години и шест месеци“, напиша на Телеграм Олех Синехубов, шеф на регионот Харков.
Украинските власти претходно соопштија дека руски беспилотни летала удриле во бензинска пумпа во текот на ноќта, а како резултат на овој удар се излеало гориво и пожарот се проширил на 14 станбени згради на површина од 3.700 метри квадратни.
Во моментов пожарите се гаснат и се утврдува бројот на жртвите, јавуваат украинските медиуми. Украинското воздухопловство утринава соопшти дека руските сили лансирале 31 беспилотно летало „Шахед-136/131“ во Украина, од кои 23 се уништени.
Мета биле регионите Харков и Одеса, а во нападот во областа Одеса повредени се четири лица.