Делови од Централна и Јужна Америка се погодени од силни бури и лизгање на земјиштето во кои досега загинаа најмалку 18 лица, од кои 11 во Ел Салвадор и седум во Еквадор, соопштија властите во двете земји. Поплавите и одроните предизвикуваат непријатности и во Гватемала, Хондурас и југоисточно Мексико.
Цивилната одбрана на Ел Салвадор во понеделникот соопшти дека во невремето во земјата досега загинале најмалку 11 лица, а владата на најмалата централноамериканска држава прогласи вонредна состојба. Околу 880 луѓе се засолниле во засолништа за итни случаи, пренесува германската прес-агенција dpa.
Во меѓувреме, Еквадор објави седум жртви од лизгање на земјиштето, најмалку 16 повредени и неколку десетици исчезнати. Во градот Банос во централниот дел на земјата, каде загинаа шест лица, властите прогласија вонредна состојба, јави британски Би-би-си.
Обилните дождови предизвикуваат и поплави и лизгање на земјиштето во Гватемала, Хондурас и југоисточно Мексико. Метеоролозите го следат можното формирање на првиот тропски циклон во сезоната во Мексиканскиот залив. Според американскиот Центар за урагани (NHC) во Мајами, денеска се очекува обилни врнежи и поплави да го покријат североисточниот дел на Мексико и американската сојузна држава Тексас.