More

    Некои Македонци прават антимакедонски постапки, рече архиепископот г.г. Стефан

    spot_img

    На денешниот форум „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ организиран од Универзитетот „Скопје“, поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан рече дека не е ново негирањето на правото на постоење и одземањето на историјата и културата затоа што народот и црквата, рече тој, одамна се научени на тоа.

    – Но, нов елемент и далеку позастрашувачко е тоа што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку самите се самонегираме, самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет. Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците. И тажно беше кога однадвор други не негираа застапувајќи ги своите интереси, но неспоредливо потажно е кога самите однатре се негираме застапувајќи туѓи интереси како свои – рече архиепископот додавајќи дека има „некои Македонци со антимакедонски постапки“ кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени и волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик.

    Тој порача дека се излажале „главните идеолози на таквите обиди на кои нашите им слугуваат“ кои мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти која ќе се урне ако се повлече една, затоа што, рече, македонскиот народ е пиреј – трева што не умира и ништо не ја ништи.

    Според него, само одржувајќи го христијанскиот идентитет, македонскиот народ ќе го зачува „македонскиот, библиски, јазичен, културен и историски идентитет“.

    – Уште Стариот завет нѐ учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки и ако ја почитуваме таа заповед тогаш треба да ги почитуваме нашите прадедовци и прабаби по род кои се вложија во градењето на нашата историја и култура, нашата Црква и држава… Доколку останеме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа тогаш ќе градиме и општество на здрави луѓе кои ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ. Така меѓу нас ќе нема веќе „кафеави сахиби“ и оволчени шарпланинци, личности кои почитувајќи ги туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите. За оние коишто тоа досега го правеле, го просиме Бога да им прости оти не знаат што прават – рече г.г. Стефан.

    Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев за медиумите изјави дека форумот се организира во пресудни моменти за нашата татковина „во време кога треба да ја сочуваме унитарноста и државноста, во време кога треба да ја промовираме древноста и вековноста на историско-географскиот простор Македонија“.

    Според него, почнувајќи од 1993 и од, како што рече, „фамозното попуштање под притисокот на Грција“, потоа Привремената спогодба во 1995 и откажувањето од државното знаме, непочитувањето на пресудата на Судот на правдата во Хаг во 2011, откажувањето во член 49 од македонското малцинство „покажавме огромно без’рбетништво и непочитување на она што македонскиот народ ни го порачуваше низ овие три децении“.

    – Ако не попуштевме, ќе се најдевме на истото место каде што сме денес. Само ќе бевме погорди, подостоинствени и со поголема перспектива за нашата македонска иднина. Тоа е пораката – сите сплотени, заедно, единствено да покажеме дека имаме што да чуваме, имаме што да браниме и имаме што да надградиме на овој наш историско-географски македонски простор каде што е формирана македонска држава. Треба да ја почитуваме, треба да ја сакаме и да работиме за неа – порача Ѓорчев.

    Според Аце Миленковски, ректор на  Универзитетот „Скопје“,  форумот  „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ е организиран од потребата да се зачува македонскиот идентитет затоа што, рече, се работи за татковината.

    – Идентитетот е лична карта, пасош. Кога ќе нѐ идентификуваат ние сме Македонци, а и да не нѐ идентификуваат пак сме Македонци. И како сакаат да не нарекуваат, ние сме Македонци. Тоа беа моите предци и моите потомци, тоа беа историските личности од античкиот период и во целиот период оттогаш сѐ до денес.  На форумот ќе ги слушнете нашите аргументи дека за сѐ може да разговараме, но за личниот идентитет никако. А никогаш и никако за идентитетот на нашата татковина – изјави Миленковски пред почетокот на форумот организиран во три панел-дискусии.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img