Когнитивниот невролог и предавачка по психологија, д-р Џилијан Форестер во 2015 година решила да ја проучи причината поради која луѓето го плазат јазикот кога извршуваат задача со своите раце, којашто бара малку поголема концентрација.
– Првата идеја да се истражи плазењето на јазикот ми дојде случајно. Со моите колеги на група млади учесници им поставивме неколку задачи кои вклучуваат посложена употреба на рацете, од отклучување на катанци до справување со сложени игри. Децата, исто така, раскажуваа приказни кои ќе дејствуваат како контрола во којашто не е потребно движење на раката – вели д-р Форестер.
При набљудување, очигледно се виде дека кај децата плазењето на јазикот е навистина вообичаено при извршување практични задачи. Јазикот, исто така, се чини, „отскокнува“ надесно при овие активности.
– За мене, највозбудливото толкување е тоа дека движењето на јазикот надесно и раката при прецизни моторни задачи ја поддржува идејата дека артикулацијата на раката и јазикот ги контролираат заедничките мозочни процеси, појаснува истражувачката – вели Форестер.
– Ова би значело дека тоа е природен мост кога раниот комуникациски систем се префрла од движења со рацете на раниот човечки говор – додаде таа.
Според тоа, ова е доказ дека моторната функција и јазичните вештини можат да се поврзат. Гестовите и разговорот навистина одат рака под рака. Таа поврзаност е истражена и во труд од 2019 година.
– Областа на мозокот одговорна за сложените движења со рацете е веднаш до центарот за јазикот. Овде еволуциското потекло се поклопува со анатомското, бидејќи нашите раце и јазици се единствените прецизни артикулатори на нашите тела и се контролирани со преклопување на деловите во нашиот мозок – изјави Форестер.
Притоа, и двата центри се наоѓаат во левата хемисфера на мозокот.