Народна банка ја задржа основната каматна стапка на ниво од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%.
Како што информираа од банката, при носењето на одлуката е ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците. Банката оценува дека нивото на инфлацијата уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат бидејќи отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи.
-Домашната инфлација забавува и во февруари 2024 година се сведе на 3% на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Стапката на инфлација во февруари е блиску до онаа во еврозоната. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, а воедно и прогнозите за следниот период се надолно ревидирани. Остварувањата кај инфлација од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Имено, сѐ уште отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво – велат од НБ.
Банката оценува дека и состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на февруари изнесува 4,348 милијарди евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.
Според НМ, остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.