Стево Пендаровски вчера призна дека користи консултантски услуги од контроверзниот консултант Асаф Исеин. Прашањето е дали тие консултантски услуги е само во делот на стратегии или можеби влегуваат и во изборни активности кои што се работ на законот – изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Исто така Стево Пендаровски вчера пред целата македонска јавност призна дека Асаф Исеин е ангажиран од СДСМ. После ова јавно признание на Пендаровски се поставуваат неколку прашања. Прво, на кој начин е ангажиран овој контроверзен консултант? Уште колку лица заедно со него се ангажирани? Колку чини неговиот ангажман и кој го плаќа неговиот ангажман? Од која сметка се плаќа неговиот ангажман? Дали се плаќа од сметката на СДСМ, и ако е така, зошто го нема во ревизорските извештаи на СДСМ? Доколку, пак, е ангажиран за изборната кампања на СДСМ, дали се свесни во СДСМ дека прават кривично дело, имајќи во предвид дека изборните сметки сè уште не се отворени и не можат да се преземаат финансиски активности поврзани со изборите. Понатаму, се поставува прашањето дали можеби има договор со некоја државна институција и на тој начин е ангажиран, или можеби најлошото дали е можеби платен од некоја странска држава која што сака да направи услуга на СДСМ и на Стево Пендаровски. Доколку е така се работи за тешко кривично дело имајќи предвид дека забрането е финансирање на избори од страна на странски извори и странски држави – речи Николоски.
Тој додава дека според неговите сознанија во последните 20 дена 3 пати Асаф Исеин престојувал во Македонија на по неколку дена, што значи дека последните 20 дена најмалку десетина дена бил присутен во Македонија.
– Колку пати се сретнал со Стево Пендаровски, со кој друг се сретнал од СДС, што за нив ќе прави, колку чини неговиот ангажман, кој го плаќа неговиот ангажман и зошто го нема во ниеден извештај на СДСМ? Исто така, како е возможно лице кое е ангажирано од политичка партија да остварува средби со претседател на држава во службени простории на претседателот на државата и да одговорат и СДСМ и Стево Пендаровски кои се другите лица по потекло од Хрватска и Романија кои доаѓаат со него и на кој начин тие се ангажирани?
На раб сме на огромна афера, огромен скандал кој во себе вклучува потенцијални изборни нерегуларности и нелегално финансирање на изборна кампања. Очекуваме одговори и очекуваме надлежните институции да се позанимаваат со ова прашање – рече Александар Николоски.
Асаф Исеин е претседател на консултантската агенција ESBR од Лондон, а соработувал со политичари во Словенија, Босна и Херцеговина, Австрија, Србија и Романија. Тоа во регионот му донесе репутација на вешт политички стратег.
Работејќи главно зад сцената, досието на Еисин вклучува успешни кампањи за различни политичари, вклучително и за српскиот претседател Александар Вучиќ. Претходно тој работел и за Борис Тадиќ, како и за Ненад Чанак, кои своевремено му беа опоненти на Вучиќ.
Исеин, барем според регионалните медиуми, работел и во изборната кампања на Миро Церер. Според словенечките медиуми, Еисин бил поврзан со израелската армија, односно Мосад, но повеќе информации за овие наводи нема.
Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопшти дека никогаш не користел странски компании за правење на анкети, стратегии, ниту пак комуникациски услуги од домашни експерти.
„Така ќе биде и за време на претседателската кампања 2024, нема да се користат ниту странски, ниту домашни комуникациски експерти, ниту пак ќе се нарачуваат анкети. Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ нека се насочат кон нивните сопствени стратези и анкетари и нека си ги прочитаат анкетите во кои очигледно стои дека во вториот круг победник на претседателските избори ќе биде претседателот Пендаровски“ – се вели во реакцијата на Кабинетото на претседателот Пендаровски.