По речиси четири децении, започна ерупцијата на најголемиот активен вулкан во светот – вулканот Мауна Лоа на Хаваите, исфрлајќи пепел и лава, соопштија денеска властите.
Ерупцијата почна доцна синоќа на Големиот остров Хаваи, објави Американскиот геолошки институт (USGS). Како што се наведува, тековите на лавата се ограничени на просторот околу врвот и не ги загрозуваат околните населби. Портпаролката на USGS рече дека „не е можно да се предвиди колку долго ќе трае ерупцијата и дали може да ги загрози населбите“. Агенцијата за цивилна заштита на Хаваи отвори засолништа за евентуална евакуација на жителите. На Големиот остров е издадено предупредување за паѓање на пепел, а на некои места се очекува да паднат и до 0,6 сантиметри. Научниците веќе беа во состојба на готовност поради неодамнешното зголемување на бројот на земјотреси на тој вулкан, кој последен пат еруптираше во 1984 година. Вулканот Мауна Лоа, висок 4.169 метри, е еден од петте вулкани на Големиот остров, најјужниот во хавајскиот архипелаг.