На градскиот плоштад во Охрид, припадници на Армијата утре (23. март) од 09 до 18 часот, ќе реализираат тактичко-технички збор односно изложба на вооружување, борбени системи, опрема и моторни возила, соопшти СВР Охрид.
„Во рамките на оваа активност, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Езеро кај градското пристаниште, со употреба на атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема, ќе изведат показна вежба – препад на пловен објект. Во вежбата ќе се вклучи и хеликоптер на воздухопловниот ВИНГ на Армијата. Сите активности во рамките на тактичко-техничкиот збор и показната вежба, покрај воено, ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” (Езерска полиција).
Со оваа активност, Армијата на РСМ ја одбележува 75 годишнината од формирањето на НАТО Алијансата и 4 годишнината од членството на РСМ во НАТО сојузот. Апелираме до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој значаен настан“ – се вели во соопштението на СВР Охрид.