На граничниот премин Богородица се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за излез од земјава е околу 40 минути. На ГП Табановце за влез во државата се чека околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на патиштата утрово се одвива непречено, по суви коловози со умерен интензитет на патните правци надвор од градските средини.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни: петок од 17 до 22 часот, сабота од 9 до 18 часот и недела од 9 до 22 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали: петок од 15 до 22 часот, сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот и во недела од 7 до 22 часот.