На 4 октомври истече рокот за поднесување на образецот ДБ-ДС, односно на даночниот биланс за данок за солидарност

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

На 4 октомври истече рокот за поднесување на образецот ДБ-ДС, односно на даночниот биланс за данок за солидарност. На 25 октомври е последниот рок за плаќање на оваа даночна обврска.

Во меѓувреме, Стопанската комора на Македонија продолжува активно да работи на иницијативата за оспорување на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд на Македонија.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во интервју за порталот Пари ја објаснува постапката.

– Иницијативата значи обединување на целата бизниc-заедница во однос на овој закон, што е редок позитивен пример и покажува дека Клубот 100 при нашата Комора правилно постапил реагирајќи на правните и процедуралните пропусти во самиот закон. Има и втора придобивка за нас, а тоа е дека првпат иницијатори за оспорување на законското решение кое има финансиски последици врз компаниите се оние бизнис-субјекти врз кои Законот нема финансиско влијание. Значи, компаниите кои не се опфатени со овој закон и кои немаат обврска да го платат овој данок се иницијатори Законот да се достави до Уставниот суд, а тоа зборува многу за улогата што ја има Комората, пред сѐ, во поврзувањето или во вмрежувањето и во застапувањето на бизнис-заедницата гледана како целина. Бизнисот е целосно усогласен во однос на забелешките кон Законот за данок за солидарност.

Доставата до Уставниот суд зависи од потребните процедури и правни механизми, вели Азески.

– Нашите очекувања се дека Уставниот суд  на Република Северна Македонија ќе биде на висина на својата улога и одлуката ќе ја донесе врз основа на законитоста и на уставните одредби – вели тој.

Ова е трет закон што годинава Комората го оспорува на Уставен суд.

– Тоа доволно зборува дека се исцрпени можностите за преговарање и за почитување на нашите аргументи. И ние во тоа не гледаме ништо необично. Ние сакаме да има дијалог, да има различни мислења. Сакам да појаснам дека Законот за данок за солидарност нема никаква врска со оспорување на солидарноста. Има врска со определени процедури и основни принципи на работа што мора да се почитуваат. Како комора ние поддржуваме законска и легитимна процедура. Непослушноста не е опција што ја промовираме – вели Азески.

Тој додава дека главна цел на Комората е да ги заштити интересите на своите членки и да им помогне во процесот на законска заштита.

- Advertisement -
Ad image

– Прашањето околу Законот за данок за солидарност беше предмет на дискусија и на консултации со членките на Комората. Упативме дописи со аргументи образложени на повеќе страни, усогласени и потпишани од највисоките органи и тела на Комората, предводени од Клуб 100, а поддржани и од Управниот одбор, Надзорниот одбор, од Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и од другите бизнис-организации – вели Азески.

Share This Article