Рускиот претседател Владимир Путин нема да склучи мир во Украина пред да бидат објавени резултатите од американските избори, изјави висок претставник од американскиот Стеј Департмент.
– Очекувам дека Путин нема да склучи мир, или барем не во значителна мера, пред да ги види резултатите од нашите избори – рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека НАТО го повторил својот став дека ќе продолжи да ја поддржува Украина, иако знае дека е малку веројатно дека ќе се постигне мировен договор во следната година. Американските избори се закажани за идниот ноември.
Високиот американски функционер ја дал оваа проценка поради загриженоста дека потенцијалната победа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп би можела да ја смени поддршката на Западот за Киев.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос, спроведена во средината на ноември, покажа дека Трамп и американскиот претседател Џо Бајден се во тесна трка, при што Трамп води пред Бајден со 51% поддршка од испитаниците спрема 49% . Самата анкета има маргина на грешка од плус минус 4 проценти поени.