Парламентот на Молдавија во четвртокот го одобри законот за именување на националниот јазик како романски во сите законодавни текстови и во уставот, и покрај противењето на промосковската комунистичка партија.
Овој потег има за цел да го реши жестокиот спор околу тоа дали националниот јазик треба да се нарекува романски или молдавски, пренесува Ројтерс.
Проблемот настанал поради тоа што во Уставот на Молдавија пишува дека националниот јазик е молдавски, но декларацијата за независност на Молдавија од Советскиот Сојуз во 1991 година пропишува дека романскиот е официјален јазик.
Владејачката молдавска партија ПАС го предложи нацрт-законот за усогласување на Уставот со пресудата на уставниот суд во 2013 година, според која прогласувањето независност има приоритет над Уставот.
Некои Молдавци ја гледаат потенцијалната промена како исправање на она што тие го сметаат за погрешно направено кога Советскиот Сојуз се обиде да го наметне поимот за молдавски јазик напишан на кирилица за да го зајакне молдавскиот идентитет.
Од друга страна, гневните комунисти и социјалистичките пратеници подигнаа транспаренти во парламентот за да го покажат своето неодобрување.
„Уставот на Молдавија: Молдавија, Молдавци, молдавски јазик“, гласеше еден транспарент.
Многу Молдавци сметаат дека нивниот јазик е романски. Други пак, сакаат да се нарекува молдавски.
Спорот за јазикот беснее бидејќи владата се залага за членство во Европската Унија, а односите со Русија се влошија по инвазијата на Москва на соседна Украина во февруари минатата година.