Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и другите министри за надворешни работи на земјите членки на Г7 во средата во Јапонија го осудија испраќањето севернокорејско оружје во Русија, што тие го нарекоа директно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
Министрите на Г7 повикаа и на прекин на борбите меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас за да им се дозволи на цивилите во Газа пристап до хуманитарна помош по едномесечното бомбардирање и интензивните копнени операции на израелската армија.
Министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Парк Џин, рече дека им се придружил на Блинкен и другите министри од Г7 во повикот за хуманитарен прекин на огнот и внимателно ги следи извештаите за вмешаноста на Северна Кореја во помагањето на Хамас.
– Внимателно ја следиме секоја поврзаност на Северна Кореја со оружјето што го користи Хамас, или (со) доктрината или стратегиите на Хамас, сите тие активности. Доколку се потврди каква било поврзаност, мислам дека Северна Кореја треба да биде соодветно осудена – рече Парк.
Пјонгјанг ги негира извештаите на некои воени експерти дека Хамас користи севернокорејско оружје, велејќи дека тоа е обид на САД да го оттргнат вниманието од сопствената одговорност. Пристигнувајќи на разговори со Парк, Блинкен беше пречекан од група јужнокорејски демонстранти кои бараа Израел да прогласи примирје и Јужна Кореја да не се приклучува на она што еден од учесниците го нарече „американско-израелска политика“.
Моќните руски противбродски ракети што ги набавил Хезболах му даваат можност да ја изврши прикриената закана на својот лидер кон американската морнарица, велат извори запознаени со арсеналот на групата. Водачот на Хезболах, Саид Хасан Насрала, минатата недела го предупреди Вашингтон дека неговата група планира нешто за американските бродови распоредени во регионот.
Два либански извори запознаени со арсеналот на групата поддржана од Иран велат дека Насралах мислел на значително подобрените противбродски ракетни капацитети на Хезболах, вклучувајќи ја и ракетата Јахонт од руско производство со дострел од 300 километри, пишува Ројтерс.
Медиумите и извештаите на аналитичарите со години укажуваат дека Хезболах ги набавил ракетите Јахонт во Сирија откако неговите борци пристигнале таму за да му помогнат на претседателот Башар ал Асад. Хезболах никогаш не го потврди поседувањето на оружјето.