Владата не ја говори вистината кога зборува дека инфлацијата е увезена и дека ја субвенционира цената на струјата за граѓаните и стопанството, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во статус на Фејсбук.
Според Еуростат, во првата половина од 2022 година цената на струјата што ја плаќа македонското стопанство е највисока споредено со земјите во регионот, вели тој и заклучува:
„Со владата на СДСМ, македонските компании плаќаат за повеќе од три пати поголема цена на струјата споредена со периодот од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Инфлацијата, високите цени, криминалот, корупцијата и незнаењето се резултатите од работата на СДСМ/ДУИ. Потребна е нова влада за крај на оваа агонија и економско цунами“, пишува Мицкоски.