Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во интервју за „Република“ вели дека партијата е блиску до 61 пратеник и до стабилна влада.
– Многу сме блиску до 61 пратеник. Зависи од излезноста и колку граѓани дополнително ќе се мотивираат на денот на изборите да излезат. Затоа ќе кажам дека многу сме блиску до 61 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ да има стабилна влада, Христијан Мицкоски да биде нов премиер и да имаме сериозна влада со реформи и проекти и економски стандард што сите го заслужуваме – вели тој.
Во врска со можната коалиција по изборите Мисајловски изјави:
– Ќе се седнеме и ќе разговараме со повеќе партии за да имаме што поголема коалиција. Сакаме да седнеме и со албанската опозиција и со другите помали партии кои се за Македонија, за стратешките интереси и кои сакаат да ја видат земјата во ЕУ, да видат реформи во сите полиња, но и браник за националните интереси.
Мисајловски нагласува дека е многу важно проектите од Платформата 1198 да бидат издржани.
– Предлагаме и наместо 120 пратеници во Парламентот да има 90, укинување на позицијата заменик директор,намалување на управните и надзорните одбори, укнување на Балансерот при вработување, ветинг во правосудството, 800 милиони во земјоделството, субенции каде што треба. Програмата е многу обемна и сите проекти се за народот.
Тој вели дека е свесен дека за некои од ветувањата, како на пример една изборна единица ќе им треба поддршка и од другите партии, па и од ДУИ.
Тој го повикува македонскиот народ да не се плаши и да излезе на гласање, бидејќи, како што вели, „секој еден што ќе остане дома и нема да гласа, или би гласал за некоја помала партија и би го фрлил гласот им помага само на ДУИ и на СДСМ“.