Околу десет пациенти со грип се хоспитализирани на Инфективна клиника, а тројца од нив се веќе дијагностицирани со ковид – информираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарски прашања.
– Станува збор за иста фамилија на вируси. Нема простор за паника, сè е под контрола и се следат сите упатства од Комисијата за заразни болести – рече Меџити.
И на Клиниката за пулмологија и алергологија, како што рече медицинскиот директор Дејан Докиќ, има пациенти со грип.
– Има една пациентка во една навистина тешка состојба, со пореметување на самата респирација, но и на свеста, и преговараме со Клиниката за инфективни болести евентуално да ја земат, бидејќи веројатно неа ќе ѝ треба респиратор. Пациентката е позитивна на инфлуенца – појасни директорот.
Не е доцна за вакцинирање, порача д-р Докиќ, укажувајќи дека за да бидат вакцинирани, пациентите мора да бидат здрави. Пациент кој е болен, потенцијално можеби има вирус и во тој случај не би смеело да се вакцинира.
На прашање дали има зголемување кај пациенти пушачи, со заболувања, меѓу кои и канцер, директорот одговори, дека бројот на новодијагностицирани е сличен како и претходните години.
– Со Министерството за здравство се работи програма за рана дијагноза на белодробниот карцином што е број еден карцином по смртност кај мажите, а трет кај жените. Со оваа програма, верувам дека и ние ќе придонесеме рано, во почетните стадиуми да се откријат пациенти со белодробен карцином, за да можат ефикасно и успешно да се лекуваат – рече Докиќ.
Одговарајќи на прашања, Меџити рече дека на Влада поминала физибилити студијата за Клиничкиот центар во Скопје и оти му доаѓа крајот на сообраќајниот метеж, а стручниот извештај за родилката од Делчево, како што рече, сè уште не бил готов.