Групата „Колдплеј“ во саботата настапи на „Гластонбери“ пред воодушевена публика, а за време на изведбата на песните „Fix You“ и „Humankind“ на сцената се појави и специјален гостин. Актерот Мајкл Џеј Фокс, кој со години се бори со Паркинсоновата болест, свиреше на гитара во инвалидска количка и ја расплака публиката.
„Незаборавен момент во историјата на Гластонбери“, напиша еден фан покрај клипот што се споделува на социјалните мрежи.
„Главната причина поради која сме во бендот е гледањето на филмот „Враќање во иднината“, па голема благодарност до нашиот херој и еден од најневеројатните луѓе во светот, г-дин Мајкл Џеј Фокс. Ви благодарам многу Мајкл“, изјави фронтменот на „Колдплеј“ Крис Мартин.
Инаку, „Колдплеј“ влезе во историјата на фестивалот со шестиот настап. На фестивалот првпат настапија во 1999 година, а потоа и во 2002, 2005, 2011 и 2016 година.