Во 2023 година имало вкупно 120 терористички напади во 7 земји членки на Европска Унија, од кои 9 биле неуспешни, а 13 биле осуетени, се вели во Извештајот за ситуацијата и трендовите поврзани со тероризмот во ЕУ, што денеска го објави Европол.
Најголем број терористички напади извршиле сепаратистичките терористи (70), а потоа следат левичарите и анархистите, кои подготвувале 32, а извршиле 23 напади.
„Во ЕУ во 2023 година се извршени 5 џихадистичко терористички напади, во кои загинаа 6 луѓе, а 12 се повредени. Во 22 членки на ЕУ се уапсени 426 лица под сомнение за тероризам, а 334 од нив биле поврзани со џихадистички тероризам“, се посочува во Извештајот.
Во 14 земји членки на ЕУ се завршени судските постапки за обвинети за тероризам, што резултирало со 290 осудителни пресуди и со 68 ослободителни пресуди.
„Терористичките и насилните екстремистички актери имаат способност стратешки да ги интегрираат најновите случувања во дигиталната технологија, вклучително и вештачката интелигенција (ВИ) во нивните алатки за ширење пропаганда, регрутирање, планирање напади и за избегнување да бидат откриени од органите за спроведување на законот“, се истакнува во Извештајот.
Во извештајот се истакнува дека нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година и израелската воена офанзива врз Појасот Газа доведоа до „засилени општествени тензии и зголемување на антисемитската, како и антимуслиманската реторика“. Безбедноста на ЕУ дополнително е загрозена од израелскиот конфликт со Хезболах во Либан.
Извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол предупреди дека терористичките групи имаат цел да регрутираат млади луѓе и додаде посебно загрижува употребата на вештачката интелигенција во ширењето на екстремистички пораки и планирањето напади.
– Само со користење на интелигенција во реално време, поттикнување прекугранична соработка и со користење на напредни технологии, можеме да се соочиме со овие предизвици и да ги заштитиме нашите заедници – посочи Де Бол.