More

    Крвавиот инцидент на Косово не смее да има продолжение

    spot_img

    Фитилот е веќе запален и треба веднаш да се изгасне ако не сакаме да се случи експлозија која ќе го зафати целиот Балкан, предупредуваат безбедносните експерти по оружениот инцидент што деновиве изби на Косово и во кој животот го загубија вкупно 5 лица – четворица Срби и еден Косовец.

    Поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Томе Милошевски оценува дека состојбата на северот на Косово е многу критична и предупредува дека може да ни се случи „втора Украина“ на Балканот ако набрзо не биде постигнат цивилизациски договор помеѓу Белград и Приштина.

    – Фитилот во северно Косово е запален. Треба веднаш да се изгасне, додека не дошол огнот до експлозивната направа, за да не изгориме сите на Балканот. Состојбата е критична и уште денес треба меѓународните фактори на клоци да ги седнат Александар Вучиќ и Албин Курти да постигнат мирен и цивилизациски договор. Сѐ друго е нова Украина на Балканот. Според мене, состојбата е многу сериозна и критична – оценува Милошевски.

    Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров, пак, во разговор за Плусинфо тврди дека меѓународната заедница нема да дозволи Косово да се претвори во втора Украина на Балканот, бидејќи, како што вели, доволно е сериозна состојбата и со првата Украина.

    – Гледате и самите колку голем притисок врши меѓународната заедница преку своите дипломатски претставници, меѓутоа, како што забележуваме, превентивната дипломатија тука како да ја губи трката со времето. Мора да се менуваат начинот и методите, а не само да се праќаат остри дипломатски зборови и критики, кои, во суштина, никого не тангираат. Прелевање на кризата кај нас апсолутно не е возможна во овој момент, бидејќи немаме ниту еден индикатор кој би го вклучил алармот. Секако, доколку се влоши состојбата на Косово, очекувано би било Албанците од Македонија да се јават во доброволни одреди или во која било друга форма да се вклучат директно во конфликтот. Меѓутоа, засега нема индикатори за такво нешто, а тоа веќе го кажаа и нашите надлежни политичари кои се повикуваат на информации добиени од безбедносните служби. Така што, нема потреба од подгревање на состојбите и тензиите, бидејќи најлошо е да живееме во страв дека во секој момент може да избие војна. Апсолутно мислам дека граѓаните треба да се чувствуваат безбедни, а се надевам дека за многу брзо време ќе се најде решение за конкретниот проблем на Косово. Дури пред 12 години, кога почна осамостојувањето на Косово, изјавив дека ако не се договорат меѓусебно Белград и Приштина, сите ултиматуми од меѓународната заедница нема да вродат со плод. Мир ќе даде само меѓусебниот договор кој ќе биде од обостран интерес за нив, но и за целиот регион – објаснува Пивоваров.

    Доколку, сепак, избие посериозен воен конфликт помеѓу Косово и Србија, додава тој, тогаш и двете земји би користеле оружје какво што би им паднало в рака и не би бирале средства како да се пресметаат со противникот.

    Прелевање на кризата кај нас апсолутно не е возможна кај нас во овој момент, бидејќи немаме ниту еден индикатор кој би го вклучил алармот.

    Владимир ПивоваровНационален координатор за гранично управување

    – Косово веќе се пофали дека поседува специјални борбени дронови „бајрактари“ и дека тие се набавени од Турција. Ако евентуално дојде до прелевање на чашата и доколку состојбата се вжешти до тој степен кога мора да избие конфликт, тогаш апсолутно и едните и другите нема да бираат средства како да ја постигне целта. И не само борбени дронови, туку и многу други валкани средства ќе бидат користени во таквиот конфликт, а кои ќе имаат цел да му нанесат што е можно поголема штета на непријателот. Ова не треба да нѐ изненадува – ни изјави Пивоваров.

    Дали постои шанса да се разгори конфликтот на Косово го прашавме и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, кои изјави дека „иако не е членка на НАТО, сепак Косово е држава на НАТО“.

    – Нема апсолутно никакви шанси Косово да се претвори во втора Украина на Балканот, како што милуваат да кажат некои безбедњаци. Треба да се знае дека иако не е членка на НАТО, сепак Косово е НАТО држава. Таа е опкружена со НАТО членки и самата НАТО нема да дозволи да ескалира состојбата. Јас дури мислам дека последниот инцидент што се случи на северот на Косово ќе биде тригерот кој ќе привлече еден многу посериозен пристап кон решавање на долгогодишниот проблем помеѓу Белград и Приштина. И на било кое друго место на Балканот може да се појават тензии и да се случат инциденти, но не и војни. Започнувањето војна на Балканот можеби е желба на некои политичари, но реално гледано, тие нивни желби никогаш нема да им се исполнат – изјави Муслиу.

    Конфликтот во косовската населба Бањска се случи во неделата кога група маскирани напаѓачи, веројатно од српска националност, се судрија со косовската полиција. Во инцидентот загинаа четворица српски напаѓачи и еден косовски полицаец.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img