Украина сака мир и подготвена е да разговара со Русија за својот неутрален статус во однос на НАТО, изјави советникот на претседателот Зеленски, Михајло Подољак.
– Ако разговорите се можни, би требало да се одржат. Ако Москва вели дека сака да разговара, вклучувајќи и за неутрален статус, можеме и за тоа да разговараме – изјави Подољак.
Кремљ одби да ја коментира можноста за разговори помеѓу Путин и Зеленски, но призна дека украинскиот лидер изразил подготвеност земјата да има неутрален статус.
– Ќе ја анализираме понудата, но нашите очекувања од Киев остануваат непроменети – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека не му верува на Зеленски и додаде дека целта на Русија не е да ја окупира Украина.
– Русија сака да ја демилитаризира Украина. Ние не ја признаваме актуелната влада во Киев како демократска. Руската влада сака украинскиот народ да биде независен – кажа Лавров.
Лавров денеска изјави дека Москва е подготвена на разговори со Киев доколку се предадат опколените украински трупи.
Изјавата на Лавров е дадена во услови кога руските сили напредуваат во оружените акциите во Киев.
– Подготвени сме на преговори во секој миг, веднаш штом украинските сили одговорат на нашиот повик да го положат оружјето – изјави Лавров пред медиумите во Москва.
На вториот ден од инвазијата на Украина, Киев се соочува со руска офанзива, а под силен напад се наоѓа и вториот град по големина Харков.