More

    Ковачевски вели дека пржинската влада допрва ќе се крчка

    spot_img

    Премиерот Димитар Ковачевски смета дека сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку е време за справување со здравствената и енергетската криза, и за развој на економијата. Избори ќе има, вели тој, ама редовни, во 2024 година, до кога сите политички партии имаат време да постигнат консензус за укинувањето на „пржинската влада“.

    – Во однос на прашањата што беа отворени во изминатиот период доминантно од опозицијата, ние како партија и јас како претседател на СДСМ и претседател на Владата веќе дадовме став дека во моментов државата се соочува со неколку големи предизвици, а тоа е прво справувањето со здравствената криза, справувањето со енергетската криза. Имавме и справување со топлинската криза во Градот Скопје, а исто така имаме и отворен процес, активен, на разговори со нашиот сосед со Република Бугарија а со цел одржување на прва меѓувладина конференција на Република Северна Македонија со ЕУ. Оттаму сметаме дека оние прашања коишто не се во насока на исправување со најголемите предизвици само претставуваат дефокусирање од оние проблеми коишто се најважни да се решат за нашите граѓани – изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

    Според него, самото барање на опозицијата за укинување на „пржинската влада“ потврдува дека во државата има демократски амбиент, каков немало во времето кога е воведена таа влада, што, како што истакна, значи дека во тоа време имало заробена држава во која администрацијата и државниот апарат биле користени во партиски изборни цели.

    – Медиумите не беа оставени слободно да ја извршуваат својата работа, а денеска сите медиуми им се достапни на сите политички репрезенти било да се од позицијата, било да се од опозицијата и тоа само потврдува за тоа дека СДСМ и Владата и неговите коалициони партнери ги имаат вратено демократските принципи на владеење. Со оглед на тоа што „пржинската влада“ е договорена помеѓу четирите најголеми партии тоа значи дека и начинот на нејзиното укинување треба да се направи на истиот начин, а не со еднострано барање од една политичка партија притоа имајќи предвид дека имаше и изјава од страна на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, односно Алијанса дека тие имаат друг поглед на тоа прашање. Од таа причина, треба работни групи да седнат и да договорат решение кое што ќе биде дел од Закон за Влада и кое што ќе важи за изборите 2024 година – рече Ковачевски.

    Во врска со прашањето за една изборна единица, тој истакна, дека СДСМ како партија е за вакво решение, но, како што нагласи, измените на Изборниот законик со кој се регулира ова прашање, секогаш се носеле со консензус на партиите.

    – Ние сме политичка партија која што прва го поддржа концептот на една изборна единица и преку тоа го поддржавме и барањето на помалите политички партии кои се дел од коалицијата заедно со СДСМ. Но, веќе видовте дека дел од политичките партии излегоа со свое гледање за тоа како треба да изгледа изборниот модел. Јас имам свој личен став во однос на правење изборни модели, а тоа е дека тие мора да бидат правени низ широка расправа преку работни групи кои ќе вклучуваат претставници на политичките партии, на ресорните министерства задолжени за изготвување на изборниот закон, како и експерти, вклучително и експерти од ОБСЕ/ОДИХР – рече премиерот.

    На таков начин, додаде тој, ќе дојде до Изборен законик кој на најдобар начин ќе ги отсликува прво заложбите на политичките партии во државата, потоа барањата на граѓаните, но и ќе може да гарантира фер изборен натпревар и резултати. Со оглед на тоа што, како што нагласи, избори ќе има во 2024, има доволно време да се формираат работни групи кои ќе работат на ова решение.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img