Во рамки на настаните по повод свеченото одбележување на државниот празник 24 Мај – Ден на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј во Охрид, Владата на Република Северна Македонија се одржа Панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет”, каде воведно обраќање имаше премиерот Ковачевски.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
почитувани професори, научници, лингвисти, книжевници, заштитници и еманципатори на употребата на нашиот вековит македонски јазик, симбол, чувар и потврда на нашиот македонски идентитет, на нашата татковина!
Почитувани присутни на денешниот панел „Македонскиот јазик во cловенскиот свет“,
почитувани претставници на медиумите,
Честит и вечен нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и Денот на словенската писменост!
Светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост.
Нив ги слави и им оддава почит и целиот културен свет во денешна Европа, поради нивниот космополитски дух, со кој се поставиле како мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.
Но, тоа што нас нè собира секој 24 мај и поради што сме денес, овде – се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму овде, во Охрид. И со делото на нејзиниот основач, ученикот на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, кој добил бројни наследници со значаен придонес за развојот на македонската писменост.
Од најраниот период на македонската писменост, кој науката го бележи во 9-от век, преку периодот од 16-от до 20-от век кој важи за претстандарден период на македонскиот писмен јазик, преку периодот меѓу двете светски војни кога на македонски јазик пишуваат Кочо Рацин, Коле Неделковски, а се изведуваат и повеќе драмски текстови на македонски јазик, па се до денес кога веќе имаме стандардизиран и меѓународно признат и препознат македонски јазик, факт е дека Македонците, како одделен народ, со свои обичаи, културни традиции, живеат на своја, македонска земја и говорат на свој, македонски јазик.
Фактите за длабоките корени на македонскиот јазик говорат и преку првата печатена македонска граматика на Ѓоргија Пулевски, но и преку македонските интелектуалци, како браќата Миладоновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, кои создаваат писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Говорат и преку Крсте Петков Мисирков кој ја прави првата стандардизација на македонскиот писмен јазик.
2 август 1944 година, Првото заседание на АСНОМ, останува врежан во македонската историја меѓу другото и како денот кога македонскиот јазик официјално е прогласен за службен јазик во нашата македонска држава, по што, следната година се усвоени и македонската азбука и македонскиот правопис.
И со тоа се случува конечната стандардизацијата на македонскиот јазик.
Сето ова, покажува дека македонскиот јазик е вистински и реален, со своја длабока историја и своја автентичност!
Тоа што е и денес!
И тоа што ќе биде за навек!
„Јазикот е нашата најкомплетна татковина“! Ќе рече нашиот џин Блаже Конески, а сите нам ќе ни остави аманет.
Македонскиот јазик опстојал низ вековите благодарение на тоа што луѓето зборувале, раскажувале, прераскажувале и твореле, созадавале дела на македонски јазик.
Преку македонскиот јазик, опстојуваме и ние Македонците.
И сè додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, а ќе постои и нашата единствена татковина, Република Северна Македонија.
И затоа, како одговорна Влада кон ова свое богато културно и историско минато и кон својот народ, донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуривме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година.
По овој пат одиме, за да го осигураме европскиот квалитет на живот тука, дома. И да си ги задржиме младите, да живеат, учат, работат во родната земја – дома, но тука во своја држава. За да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и секогаш – во својата татковина, како дел од Европа.
Макотрпен е патот на нашиот народ, поплочен со многу болка, жртви, дадени животи, на знајни и незнајни борци и творци, за ние денес да имаме своја, македонска држава – и како македонски народ, да зборуваме на својот македонски јазик и да сме признаени во целиот свет.
И ете ова ние го постигнавме! И веќе е јасно за сите.
Вистината за признанието на македонскиот јазик, потоа во Обединените нации – и во Европската Унија, дојде со Договорот за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, на македонски јазик, без какви и да било ѕвездички или фусноти во тој договор.
За вистината зборуваат фактите дека македонскиот јазик денес е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија.
Европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик.
Како Влада, можеби како ниту една друга влада досега во независна Македонија, ѝ подадовме рака на домашната јазична, книжевна, научна мисла и заедно одговоривме на аманетот на Конески, македонскиот јазик да го сочуваме, обезбедувајки го неговиот континуитет.
Значаен придонес во неговата еманципација и унапредување е новиот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик, чиј текст Владата веќе го утврди.
Ги зедовме предвид укажувањата на јазичната наука дека е потребно значително зајакнување на законските мерки за грижата и употребата на македонскиот јазик и со овој предлог закон предвидовме проширување на областите каде задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Воедно, со овој предлог Закон овозможивме правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик.
Цврсто сме определени да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик.
Воедно со предлог измените на Законот за државните награди, воведуваме нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, која ќе го носи името на основачот на современата македонска наука за јазикот, Блаже Конески.
Во мандатот на Владата што ја предводам, го започнавме и проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
И покрај тоа што функционираме во време на глобална, светска, економска и енергетска криза, ја поддржавме со буџетски средства и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со цел да се постигне трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на постари, но и стари, македонски текстови, на дијалектни записи, а некои од нив се дури од 14-от век.
Во времето на нашиот 5-годишeн мандат, веќе знаете дека на интернет платформа е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.
Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик.
По повеќе од 24 години, овозможивме вработување на 17 млади лица, магистри, докторанти и доктори на науки по македонистика, на Инстиутот за македонски јазик.
Со вработувањата во институтот ќе продолжиме и оваа година.
Воведовме и Ден на македонскиот јазик, 5 Мај, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо, односно ја озваничи современата азбука на македонскиот јазик.
Можам и натаму да набројувам.
Но, ете вака ние се грижиме за нашата македонска писменост и за нашиот македонски јазик, преку дела.
Благодарам за корисната и значајна соработка со Советот за македонски јазик, на проф.д-р Људмил Спасов и на сите членови на Советот, во напорите за што поквалитетни владини политики, во делот на заштитата, негувањето и афирмацијата на македонскиот стандарден јазик.
Овде лично сакам да ви порачам, дека јас како премиер и ние како Влада сме отворени за принципиелна и конструктивна соработка со секој од Вас овде и со инситутциите, факултетите, институтите, универзитетите од каде што доаѓате.
Затоа што, сакам да знаете дека кога станува збор за нашите идентитски определби, чувствителноста ни е иста. Како што се, верувам, исти и нашите определби – да напредуваме како Македонци кои говорат, пишуваат и творат на македонски јазик, во европското семејство на народите и државите, каде што и припаѓаме.
Натаму одиме, натаму сме тргнати, патот е зацртан одамна, уште од Светите Кирил и Методиј кои важат за темелници на европскиот интеркултурализам, тоа што ние веќе го практикуваме. А тоа што треба да го направиме – е – да продолжиме напред!
Пред вас, пред нас, шансите се реални повеќе од кога и да било, македонските научници, лингвисти, книжевници, уметници да работат и да создаваат меѓу европските колеги, во широкото европско поле на нови можности, коишто отвораат нови и значајни перспективи за денешните и за идните генерации.
И јас доаѓам од науката, иако од друга научна област, но знам колку е важен просторот за дејствување, каде што се реализираме, се остваруваме но и се надминуваме себеси, преку интеракција, искуства и можностите за соработка.
Верувам во вашата поддршка на овој пат, што е многу значајна за просперитетот и на граѓаните и на државата.
Благодарам за вниманието, за честа која што ми ја укажавте и очекувам успешна дебата на овој панел.“