Секојдневните обврски и планови често се поврзани со концептот на една недела, но малкумина од нас се прашуваат зошто оваа целина сочинува точно седум дена.
Најстарите цивилизации кои имале седум дена во неделата биле вавилонската и древната еврејска.
Вавилонците времето го одбележувале со помош на лунарните месеци, па се верува дека од таа причина усвоиле седум дена, иако доказите за тоа се малку. Секој лунарен месец се состои од неколку различни циклуси – контурите на полумесечината се појавуваат околу првиот ден, а полумесечината може да се види околу седмиот ден и така по ред – шемата на седумдневниот циклус е јасна.
Меѓутоа, месечевите промени во месецот не се одвиваат секогаш според точно утврден распоред. Во шестиот век п.н.е., Вавилонците затоа ги вклопиле и усогласиле седмицата со месечевите промени. Така, три последователни недели би имале седум дена, а потоа четвртата недела би можела да трае осум или девет дена.
Седмиот ден, кај Вавилонците, бил свет ден, слично како и кај Евреите; Вавилонците верувале дека тој е несреќен, како и Евреите, само поради различни причини. Поради тоа, воведени се одредени ограничувања со цел да се избегне несреќа. Последниот ден од седмицата е денот кога одмарале и се молеле.
Според деистичката концепција, Евреите имале и свет седми ден – Сабат. Самиот збор доаѓа од хебрејски збор што значи „ден на одмор“. За разлика од Вавилонците, Евреите веруваат дека седум дена во неделата е правило кое потекнува од Бога.
Римјаните, пак, не го користеле седумдневната концепција во периодот на Републиката, туку осумдневното. Осмиот ден бил ден за пазарење и служел главно за снабдување на луѓето со намирници за следната недела. Меѓутоа, во векот по воведувањето на јулијанскиот календар, осмиот ден почнал да исчезнува. Оваа промена не била брза или ненадејна, но веќе извесно време некои Римјани имале седумдневна, а некои осумдневна недела. Императорот Константин ставил крај на понатамошните сомнежи за тоа колку трае една недела – тој во 321 година утврдил дека ќе трае седум дена.