Финската авиокомпанија Финер (Finnair) ги мери патниците на излезот за лет на аеродромот во Хелсинки, но само оние кои се доволно храбри да се согласат на тоа за да може авиопревозникот да направи подобра проценка на тежината на авионот пред полетувањето.
За среќа, мерењето не е поврзано со поединечните резервации или податоци за патниците.
– Сè е анонимно – изјави за Си-ен-ен Пајвит Талквист, претседателка на Финер за комуникации, додавајќи дека само член на персоналот на гејтот ја гледа тежината.
Истражувањето почнало на почеток на неделава и до вчера веќе учествувале 800 доброволци.
– Корисниците на Финер ги известивме за мерењето преку социјалните мрежи и нашата мобилна апликација, а првите волонтери се јавија и пред опремата да биде поставена- рече таа.
Финер собира податоци и за зимската и за летната сезона бидејќи патниците носат потешка облека и капути за време на студените фински зими. Зимските мерења ќе бидат завршени во февруари, а летните од април до мај.
Авиопревозникот ги споредува податоците за просечната тежина на патниците и нивниот рачен багаж „со цел проценка на рамнотежата на авионот и перформансите потребни за безбедно спроведување на летовите“.
Сепак, некои корисници на социјалните мрежи се згрозени од објавата за која тврдат дека ќе предизвика непријатности кај патниците со прекумерна тежина.
-Ова е сурово. Повеќе нема да летам со Finnair, тоа се драконски мерки чија единствена цел е да ги понижат дебелите луѓе. Правилата за тежина на Finnair не се однесуваат на безбедноста на патниците. Ниту еден авион никогаш не се урнал поради прекумерна тежина – се жалат дел од патниците.