По празниците бизнисмените ќе ја потсетат владата дека треба да ги олесни условите за вработување на странци и очекуваат овојпат владата побрзо да реагира за да се намали проблемот со недостиг на работници пред да почнат да се затвораат фирмите. Тие сметаат дека проблемот не се решава само со зголемување на квотите, туку треба да се олеснат условите и постапките за да можат полесно да донесат работници од странство, бидејќи во земјава регистрираните невработени или се без образование или не сакаат да работат.
Се проценува дека се потребни најмалку 10.000 работници, но поради новите инвестиции, одливот на кадар и пензионирањето, потребите на компаниите се далеку поголеми.
– Иако не очекуваме дека пред да биде избрана нова влада нешто ќе се направи, сепак по празниците ќе ги обновиме нашите барања за олеснување на постапката за вработување странски работници. Владата ги доби и претходно, но ништо не направи во однос на олеснување на процедурите за увоз на работници, освен што ги зголеми квотите – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Тој и неговите колеги велат дека не е доволно само да се зголемат квотите за странци туку треба и да се поедностават процедурите низ институциите, дома и во странство.
– Постапката треба да биде едноставна и брза за да не се троши време од изборот на работниците и потпишувањето на договорите за нивното вработување до нивното доаѓање на работа во земјава. Сега само постапката од МВР за барање за престој до добивањето дозвола за работа од Агенцијата за вработување трае најмалку 3 месеци. Тоа е крајниот сегмент од патот, но патот е долг за еден странец да дојде да работи во наша компанија. Откако е направен изборот преку соодветни агенции за вработување на странци, постапката од вадењето виза и добивање дозвола за престој и работа од конзуларните претставништва или амбасадите се реализира преку Министерството за надворешни работи, МВР каде што се бара мислење за тоа дали овие луѓе се бараат за тероризам, па повторно во МНР и претставништвата во странство и повторно назад до Агенцијата за вработување, за да издаде дозвола за работа, иако странецот веќе има потпишано договор за вработување од наша компанија. За ова да помине потребни се неколку месеци, а на компаниите им се потребни работници веднаш – вели Димитров.
Негови колеги велат дека владата треба итно да реагира бидејќи за период од 4 и повеќе месеци, колку што најкратко може да трае постапката, компанија која нема работници може и да се затвори.
И додека чекаат државата да го олесни увозот на работна сила од странство компаниите го решаваат проблемот на недостиг на работници со меѓусебно преземање на обучен кадар.
– Дел од компаниите го прифатија однесувањето на странските инвеститори и наместо да вработуваат неквалификувани работници и да ги обучуваат за работата, преземаат веќе обучени работници со тоа што им ветуваат повисоки плати од оние што ги имаат во компаниите во кои работат. Но проблемот долгорочно не може да се реши на ваков начин – вели Димитров.
Тој вели дека е лажна сликата дека земјава има 150.000 невработени, бидејќи тие не се јавуваат на конкурси и не сакаат да се преквалификуваат.
– 49.000 од нив не сакаат да работат или се веќе заминати во странство. 46% од останатите 110.000 невработени се без образование кои не можат да работат, а останатите не прифаќаат преквалификација. Се соочуваме со ситуација кога на конкурс ќе ни се јават 10 невработени, но кога ќе им речеме дека треба да се обучат за работата се откажуваат или остануваат најмногу двајца кои прифаќаат да се преквалификуваат – вели Димитров.
Соседна Србија, по примерот на европските земји, веќе ги поедноставува процедурите за вработување на странци и воведува едношалтерски систем со цел да го забрза процесот на издавање дозволи за престој и работа на странци. Србија воведува и таканаречена единствена работна дозвола и дозвола за работа како биометриски документ. Системот ќе биде активен од февруари следната година.
Според компаративната анализа на Агенцијата „Коузон“, изработена за потребите на бизнис заедницата, во земјите од регионот значително се зголемува бројот на работни дозволи издадени на странци. Така, во Грција бројот на работни визи на странци надминал 167.000, во Бугарија само лани се издадени скоро 40.000 работни визи, во Србија 35.000, а во Албанија се издадени скоро 20.000 работни визи на странци.
Во Европа повеќето земји и посебно Германија ги олеснија процедурите за вработување на странци. Европските држави (Грција и Бугарија) интегрираат годишно и по 45.000 работници од странство, пред сè во секторите кои се трудо-интензивни.
До ноември годинава Агенцијата за вработување издала повеќе од 4.500 работни дозволи за странци и тоа за турски, косовски, албански, индиски, но и руски и украински работници. Овие дозволи се издадени за градежни работници, тесари, електричари, армирачи, но и за управители, менаџери и фудбалери.
Владата неодамна ја зголемила квотата за работни дозволи на странци од 5.000 на 7.000.