Замислете дека сте заглавени на планина, без сигнал за телефон, или можеби сте сведок на пожар во близина на вашата викендичка. Што би направиле? Би го повикале бројот 112 за итни случаи, секако. Но, како функционира овој број и кои се најчудните ситуации што дежурните оператори ги доживуваат секојдневно?
Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) прима од 1.500 до 3.000 повици дневно, или околу 2.000 повици во просек. Благодарение на големиот придонес на медиумите, кои постојано информираат за правилната употреба на овој број, сè повеќе граѓани го користат на вистински начин. Сепак, постојат и јавувања за необични случаи што понекогаш ги изненадуваат и самите оператори.
– Дежурните оператори на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, секојдневно примаат од 1.500 до 3.000 повици во тек на 24 часа, конкретно по околу 2.000 во просек. Но, има и такви повици коишто се за чудни случаи, односно преку општините во регионите ја покажуваат специфичноста на одредени луѓе, навики, итроштини и слично, случајности што се случуваат на гробишта за да се спасуваат живите, а во одредени случаи дури ја покажуваат и искреноста за убавината на заробувањето со навеви од снег во прекрасната природа на Македонија и дека не им треба спасување бидејќи се „слатко заробени“ – велат од ЦУК за Плусинфо.
Од Центарот посочуваат дека таквите примери при решавањето на реалните итни случаи, иако се интересни за раскажување, сепак делуваат поучно, како за тој што се јавува, така и за спасителите.
– Едноставно, како што вели и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, сите заедно во општеството се надградуваме и подобруваме преку спознавање на одредени специфични искуства во практиката при примањето и решавањето на повиците за итни случаи, а медиумите тоа го бележат како наша заедничка позитивна колективна меморија – велат од Центарот.
Понекогаш има јавувања од граѓани загрижени за нивните родители кои се наоѓаат во викендички во планински села. Се јавуваат за да им се помогне да се види дали се живи. Центарот во координација со општините и со други општествени или невладини организации од Системот за управување со кризи во тие региони, организира спасители со теренски возила и ги посетува местата. Најчесто сѐ е в ред, па граѓаните ги замолуваат спасителите да ги превезат до најблискиот град за да си пазарат.
Има случаи кога граѓани се јавуваат на 112 за да кажат дека им недостигаат лекови, а се завеани во викендички на планина. Притоа имаат специфични молби и покрај лековите бараат да им се донесат и неколку пици и хамбургери.
Во потоплиот дел од годината има случаи кога се губат лица што возат планински велосипеди, па има нарачки за спасување исклучиво со хеликоптер. Бајкерите бараат големи хеликоптери бидејќи кажуваат дека велосипедите им биле скапи и одбиваат да бидат спасени без нивните велосипеди.
– Неодамна имаше пријава од човек од високо планинско село во Скопскиот регион, кој се јавил да каже дека е завеан. Кога полицајци дошле со моторна санка да го евакуираат, тој одбил, бидејќи сакал и возилото да му го земат, што не било можно. Затоа тој одбил да се евакуира и си останал во неговата куќа, која била добро снабдена со храна за него и за пчеларникот што го имал – велат од ЦУК.
Спасителите раскажуваат и за еден комично-морбиден случај што се случил на гробиштатата Бутел. Веднаш после означувањето на Новата 2024 година со огномет и со многу пукање на петарди, на 112 се јавил маж со слаб и треперлив глас, кој рекол дека умира од студ. Рекол дека се наоѓа на гробишта и дека има густа магла. Операторите ја провериле неговата локација и се потврдило дека човекот навистина бил на гробот во кој, како што подоцна се утврдило, бил закопан еден од неговите двајца родители.
– Телефонот ја покажал локацијата што ја навел човекот. Од ЦУК веднаш се јавиле до обезбедувањето на гробиштата и тамошен вработен тргнал да го пронајде и да го згрижи изгубениот маж. Операторот од ЦУК го советувал граѓанинот да не ја прекинува врската бидејќи претпоставил дека има почетни знаци на хипотермија. Го советувал да зборува гласно и да мавта лево-десно со телефонот за да биде забележан низ маглата. Во разговор со него, се дознало дека иако дошол на гробишта околу 16 часот, најверојатно поради консумација на алкохол и обилно јадење, заспал на родителскиот гроб и бил разбуден од огнометот и од пукотниците што се случиле на полноќ со кои се означило доаѓањето на Новата година. Тоа будење и неговото јавување во ЦУК му го спасиле животот, а и храбриот дежурен од обезбедувањето кој го барал низ гробиштата во густа полноќна магла – велат операторите од Центарот.
Граѓани од една општина на североистокот на земјава пријавиле дека се завеани повеќе денови и дека не можат да се движат со своите возила и им требаат продукти. Откако ЦУК обезбедил помош во координација со институции, служби и невладини организации, им јавиле да се симнат со нивните теренски возила од завеаните села за да си ја подигнат помошта.
Понекогаш локаторот на телефонот покажува дека тој што пријавува проблем седи во некое кафуле во град, а го убедува операторот дека има опасен пожар околу неговата викендичка во планина.
– Барем по еднаш во годината, некој од сточарите пријавува дека му треба сточна храна, бидејќи бил отсечен поради временска непогода и дека му изгорела шупата или е поплавена по што ги изгубил резервите од сточна храна. На прашањето кога се случило тоа, едноставно ја прекинува врската и сфаќаме дека станува збор за лажна пријава – велат од ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека со објавување на информации за разни спасувања во медиумите расте свесноста во јавноста за превенција од опасности и за помагање во животозагрозувачки ситуации.