More

    Кој пат до пензија да го фатат работниците со бенефициран стаж?

    spot_img

    Секој работник со бенефициран стаж самиот да направи пресметка и да ги разгледа опциите, пред да одлучи во кој пензиски фонд ќе членува – приватен или државен, велат познавачи на состојбите откако Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС ги повика овие работници да се изјаснат во кој столб сакаат да членуваат.

    Синдикатите прават анализата која опција е подобра за овие работници, по што ќе им соопштат што да изберат.

    Според податоците на МАПАС, околу 1.000 работници со бенефициран стаж се очекува до 20 јули да се префрлат од приватниот во државниот пензиски фонд. Лани од Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) до МАПАС биле доставени податоци за околу 800 членови со бенефициран стаж.

    – Околу 20 членови дадоа изјава за продолжување на членство во втор столб, останатите се префрлени во Фондот на ПИОМ. Во однос на 2023 година од Фондот на ПИОМ доставени се околу 1.000 лица и ги очекуваме истите резултати – велат од МАПАС.

    Според анализата на Агенцијата за осигурениците со бенефициран стаж, подобар избор е Првиот пензиски столб(ПИОМ), бидејќи и парите за стажот се уплаќаат во овој фонд, а времето до пензионирање на овие лица е пократко од вообичаеното.

    – Согласно направените анализи утврдено е дека лицата кои имаат бенефициран стаж подобро е да се префрлат во Фондот на ПИОМ од причина што порано одат во пензија и имаат помалку време за акумулација на средства во вториот столб. Исто така бенефицијата која ја уплаќаат работодавачите се уплаќа во Фондот на ПИОМ – велат од МАПАС.

    Познавачи на состојбите од синдикатот велат дека треба да се направат добри калкулации за секој поединец со бенефициран стаж за да се утврди за кого е подобро да остане во приватниот, а кој треба да се врати во државниот пензиски фонд.

    – Да не заборавиме дека во вториот пензиски столб членовите имаат можност за пренос на акумулираната сума. Но треба да се направат пресметки за секој поединечно за да се види каде ќе има поповолни услови за идните пензионери. Тие најдобро е да ангажираат актуар кој ќе им ги направи пресметката и анализата, а потоа да одлучат – вели Маре Анчева, поранешна секретарка во Синдикатот на рударството индустријата и енергетиката (СИЕР).

    Бошко Китановски, еден од поранешните директори на ПИОМ во чие време се правеа пензиските реформи, исто така вели дека секој поединец кој има бенефициран стаж е посебен и за секој од нив има различни пресметки и оттаму изборот е поединечен.

    – За секого е различно и секој треба да направи сопствена пресметка и процена и да одлучи кои услови му одговараат повеќе за неговата идна пензија – од приватниот или од државниот пензиски фонд. Вториот пензиски фонд, односно приватниот, има можност за оплодување на акумулираните пари, значи уплатеното се зголемува. Кај државниот фонд пак се уплаќа бенефицираниот стаж. Притоа треба да се види дали со префрлањето во државниот фонд овие акумулирани пари се префрлаат заедно со бенефициите и каква е можноста за користење на оплодените пари. Опцијата која е подобра за идниот пензионер, се разбира тој треба и да ја одбере. Пресметките ќе покажат каде е поповолно тој да го уплаќа пензиското осигурување – вели Китановски.

    Според она што го соопшти МАПАС, за тие што нема да потпишат изјава дали сакаат да останат во приватниот пензиски фонд престанува нивното членство во задолжителниот пензиски фонд, а пензиското друштво ќе го префрли вкупниот износ на средствата од нивните индивидуални сметки во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување. Со тоа тие стануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОМ) од каде што ќе го остварат правото на пензија.

    Членот 118 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување предвидува: осигурениците (со бенефициран стаж) кои се вклучиле во вториот пензиски столб можат, по сопствен избор, да остварат право на пензија од прв столб согласно со членот 34 од овој закон и право на пензија од втор столб согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или единствено право на пензија од прв столб согласно со закон при што вкупниот износ на средства од нивната индивидуална сметка се пренесува во Фондот за исплата на старосна пензија.

    Во оваа категорија осигуреници спаѓаат работници кои работат на тешки работни места.

    Со задолжителните пензиски фондови управуваат КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img