Познатиот актер Метју Пери почина кон крајот на минатата година поради негативно дејство на анестетикот кетамин кој го добил на рецепт, а сега се откриени нови детали поврзани со истрагата за неговата смрт.
Како што рекол извор од полицијата за „Ен-би-си њуз“, истрагата за тоа кој го снабдувал актерот со кетамин пред неговата смрт, може да доведе до обвиненија против неколку лица.
Полициската управа во Лос Анџелес во мај соопшти дека работи со Управата за борба против наркотици и дека истражува кој му го дал на Пери рецептот за кетаминот.
Полицијата соопшти и дека федералната истрага сè уште е во тек и дека „нема да има итни акции за овој случај“.
Потсетуваме, Метју Пери беше пронајден онесвестен во својот базен на 28 октомври минатата година, а како што подоцна беше утврдено, тој почина од акутно дејство на кетаминот.