Бугарија нема нови услови кон Северна Македонија, соопшти денеска бугарското Министерство за надворешни работи во став објавен на службената интернет страница на министерството. Напротив, како што посочува бугарското МНР, Бугарија „искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи“.
„Очекуваме првиот чекор на овој пат, согласно обврските што Скопје ги потпиша во јули 2022 година – ‘…стапувањето во сила на измените на Уставот на Република Северна Македонија да ги опфатат и оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, вклучително и преку уставен закон за нивно спроведување’“, се вели во објавата.
„Во однос на бројните медиумски прашања за суштината на европскиот компромис од 2022 година за патот на Република Северна Македонија кон ЕУ, Република Бугарија сака да го повтори следново: Основен принцип на меѓународното право е Pacta sunt servanda. Договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални. Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Од нашите пријатели во Северна Македонија секогаш очекувавме совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување“, се вели во службениот став на бугарскот МНР.
Од таму додават дека патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно поставени параметри, при што, како што се додава, „неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешко постигнатиот договор и деликатната рамнотежа со погрешни толкувања што се разликуваат од јасно утврдените критериуми за ова прашање од страна на Советот на ЕУ.
„Посебно опасни се обидите за манипулативно прикажување на условите, претходно договорени и изнесени во компромисот од 2022 година, како некои нови барања на Република Бугарија“, велат од бугарското МНР.
Од таму додаваат дека преговарачката рамка, која ќе ѝ биде претставена на Северна Македонија по завршувањето на фазата на отворање на пристапните преговори, како што е договорено од Советот на ЕУ, конкретно ги поставува принципите со кои се регулираат овие преговори.
„Членот 5 нагласува дека напредокот на земјата-кандидат ќе се мери особено според јасно наведени барања, меѓу кои се критериумите од Копенхаген, Процесот за стабилизација и асоцијација и „…посветеноста на Северна Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување опипливи резултати и спроведување со добра волја билатералните договори, вклучително и […] Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според неговиот член 12…“, се посочува во ставот на бугарското МНР.
Ставот на бугарското МНР се осврнува и на, како што се вели „ескалацијата на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите“ во нашата земја, односно „злосторството од омраза против г-дин Христијан Пендиков“.