Генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш денеска, по повод стоте дена од почетокот на војната во Појасот Газа, изјави дека единствено одржливо решение е итен хуманитарен прекин на огнот и апелираше до Хамас за итно и безусловно ослободување на заложниците.
Тој исто така се заложи да се испитаат и кривично да се гонат сите наводи за сексуално насилство од страна на припадниците на Хамас извршени на 7 октомври, при нападот врз Израел.
– Војната на Израел во Газа во текот на изминатите сто дена предизвика големо уништување и смрт на цивили со брзина без преседан. Со ништо не може да се оправда колективното казнување на палестинскиот народ – посочи Гутереш.
Според него, колку подолго трае судирот во Газа толку е поголем ризикот од ескалација и на други места.
– Не смееме да го видиме во Либан тоа што го гледаме во Газа и не можеме да дозволиме да продолжи тоа што се случува во Газа – истакна Гутереш.