Албанскиот премиер Еди Рама телефонски разговарал за резултатите од претседателските избори во Македонија со Артан Груби од ДУИ, кој му пренел дека Бујар Османи ќе бил во вториот круг доколку не учествувал Арбен Таравари од „Вреди“, поддржан од премиерот на Косово, Албин Курти, објави „Kosovo online“.
Груби му порачал на Рама дека Османи е трет по бројот на гласови на национално ниво и дека победил во главните центри на Арбен Таравари.
– Османи, доколку не се кандидираше Арбен Таравари и доколку беа обединети гласовите на Албанците, ќе беше во вториот круг за следен претседател на Македонија – му рекол Груби на Рама, објавил косовскиот медиум.
Резултатите од претседателските избори во Македонија ги коментирал и косовскиот аналитичар Ваљон Сила, кој оценил дека премиерот на Косово добил лекција за учество на изборите преку Скопје.
„Ја прими пораката, па оттаму Албин повеќе нема да оди на море во Албанија. Сега Албин ќе оди во Грција да плива, повеќе не го интересира Македонија, повеќе го интересира Бугарија“, оценил Сила.
Битката меѓу Османи и Таравари се водеше главно во општините во Западна Македонија, каде што доминира етничко албанско население.
Според податоците на ДИК, Османи бележи предност наспроти Таравари во 16 општини и тоа: Чаир, Сарај, Арачиново, Шуто Оризари, Студеничани, Липково, Боговиње, Пласница, Врапчиште, Дебар, Тетово, Центар Жупа, Струга, Кичево, Долнени и Желино.
Од општините каде што освоил повеќе гласови од Таравари, најтесна е разликата во Тетово. Таму, според 99,85 отсто обработени избирачи, Османи освоил 14.726 гласа, а кандидатот на „Вреди“ 14.030 гласа.