More

    Годишно од земјава заминуваат по 2.500 високообразовани кадри што ѝ носи директна загуба на државата од 8,34% од домашниот бруто производ

    spot_img

    Годишно од земјава заминуваат по 2.500 високообразовани кадри што ѝ носи директна загуба на државата од 8,34% од домашниот бруто производ (БДП). Овие и вкупните бројки на македонски граѓани коишто престојуваат надвор од земјава во последната деценија забележуваат континуиран пораст, но државата нема ефикасни мерки со кои ќе го спречи егзодусот, покажуваат податоците на Државниот завод за ревизија кои се однесуваат на периодот од 2013 до 2021 година.

    Ревизорите утврдиле дека државата не води точна евиденција на кадарот што ја напушта земјава, па бројките можат да бидат и поразлични од оние кои се во ревизијата. Така, според податоците на Државниот завод за статистика во периодот 2015-2022 година бројот на високообразовани кадри кои ја напуштиле земјава изнесува 719 лица. Само во 2022 година, според истите податоци, од земјава заминале 275 високообразовани лица.

    За да дадат пореална слика на одливот на кадри и население од земјава ревизорите се повикуваат на процените на Светската Банка, според кои речиси 40% од високообразовниот кадар ја напуштило државата и оние на Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, според кој земјава е на високото 5 место (од 41 европска земја) со 6,4 индексни поени, што јасно покажува дека државата се соочува со голем загуба на таленти.

    Освен тоа земјава губи и добар дел од домашниот бруто производ (БДП) поради тоа што овие кадри не работат во нашите компании. Се проценува дека годишната загуба е 8,34% од БДП.

    Ревизорите пресметале дека за овие кадри државата просечно годишно троши по 5 милијарди денари или вкупно за периодот од 8 години потрошила 44,7 милијарди денари (725 милиони евра) што е 0,8% од домашниот бруто производ (БДП).

    „Доколку на ова се додаде реално изгубеното вложување во образование во овие кадри кое во просек изнесува 3,19% годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво“, наведуваат ревизорите.

    Различните бројки покажуваат дека државава не води точна евиденција на кадарот што ја напушта земјава, па бројките можат да бидат и повисоки од оние кои се утврдени во извештајот на ревизорите.

    „Државата нема воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција, паради невоспоставена мрежа или база на податоци на македонските високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“, се наведува во извештајот.

    Ревизорите утврдиле и дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање, а МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

    „Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата“, се наведува во извештајот.

    Во периодот 2013-2022 година од страна на МОН финансирани се вкупно 150 стипендисти на втор циклус и 6 стипендисти на трет циклус на студии во странство.

    „Со анализа на потрошените средства утврдивме дека со конкурсот за 2013/2014 година се доделени стипендии за студирање втор циклус во странство во износ од 27.612.000 денари или околу 450.000 евра со што е надминат предвидениот износ од акцискиот план, што укажува на несоодветно планирање на финансиски средства“, се наведува во ревизијата.

    МОН за периодот 2013-2020 година нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори. Согласно изработениот преглед од страна на МОН, само за дел од студентите има податок дека работат во државата или странство, меѓутоа за дел од студентите МОН нема информација дали постапиле во согласност со обврските, ниту се бара од надлежните државни институции проверки дали стипендистите се вратени во земјата по дипломирањето, со што не може да се потврди дека воспоставениот начин на стипендирање за студирање во странство обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и дали е постигната целта за стипендирање.

    Во извештајот на ревизорите се констатира и дека не функционираат веб порталите nauka.mk и patent.mk што оневозможува тие да се користат како средство за обезбедување на информации за резултатите од научно истражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот know-how на пазарот во компаниите и регистрираните патенти (иновативните пронајдоци).

    „Активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата“, се наведува во извештајот.

    Според ревизорите, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Единствен стратешки документ кој директно го адресира проблемот на одлив на мозоци во земјава е Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година но за неа не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите.

    Оваа стратегија, посочуваат од ДЗР, не е објавена во Службен весник и на веб-страницата на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.

    Ревизорите констатираат и разочарувачки бројки на вкупниот одлив на население од земјава. Според нивната анализа, во периодот од 2013 до 2022 година кој се потпира и на статистичките податоци, земјава ја напуштиле вкупно 7.861 лице што, според пресметките, покажува на загубени 5,15% од БДП по тој основ.

    Тоа, пак, ја става земјава во Топ 20 земји на најголема емиграција во странство според извештајот на ИОМ за 2020 година.

    Ревизорите велат дека странските извори на податоци (од меѓународните организации/институции и од земјите на прием) овозможуваат пореална процена на обемот и структурата на емиграцијата. Како посеопфатни податоци за бројот на имигрантите/ емигрантите во одделни земји на прием/потекло може да се издвојат оние на Обединетите Нации и на Светската банка (чии нумерички вредности вообичаено се совпаѓаат).

    Тие покажуваат дека вкупниот број на македонски граѓани коишто престојуваат во земјите на прием низ светот во последната деценија забележува континуиран пораст: 527.075 (2010); 562.907 (2015); 658.264 (2019) и 693.900 лица (2020 година).

    Според податоците на ОЕЦД бројот на емигрирани лица изнесува: 269.533 (2010), 393.421 (2015) и 388.434 (2020) година.

    Но, заклучуваат ревизорите и покрај ваквите бројки и донесените документи и преземените мерки нема ефекти во политиката за запирање на одливот на мозоци и население.

    Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI/МИА

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img