Роман Гориљк денес изгледа како костур. Ребрата и клучните коски му отскокнуваат, стомакот му е издлабен, а под бледата кожа јасно му се гледаат зглобовите на рамото и на колкот.
Гориљк е екстремно слаб поради двете години поминати во руско заробеништво. Руските трупи го заробиле поранешниот чувар на контролниот пункт во нуклеарната централа во Чернобил, северна Украина, во март 2022 година, набргу откако Москва ја започна војната.
Тој конечно беше ослободен во петокот, заедно со уште 74 Украинци разменети за 75 руски воени заробеници, пишува Си-Ен-Ен.
Украинските власти објавија неколку фотографии од 40-годишниот Гориљк за да го покажат данокот од руското заробеништво.
„Состојбата на украинските воени заробеници предизвикува ужас и асоцира на најтемните страници од човечката историја – нацистичките концентрациони логори на смртта“, објави на Телеграм Координативниот штаб за третман на воени затвореници, тело на украинската влада, заедно со фотографии.
Украинската Национална гарда изјави дека речиси сите ослободени затвореници претрпеле губење на тежината, имаат рани, лезии и хронични состојби како резултат на нетретирани повреди.
Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, изјави дека затворениците се вратиле во Украина во „застрашувачка“ состојба.
– Мачењето поради гладување е монструозно, тепањето и насилството се софистицирани – рече тој.
Подољак ја обвини Русија дека ги игнорира меѓународните договори за човекови права.
– Нема повеќе Женевски конвенции… Русија повторно мисли дека може да избегне одговорност за огромни воени злосторства – додаде советникот на Зеленски.
Според Женевската конвенција, воените заробеници мора да бидат третирани со хуманост и достоинство и мора да им се обезбедат основни дневни оброци на храна „доволна во квантитет, квалитет и разновидност за одржување на воените затвореници во добро здравје и спречување на слабеење“.
Координативниот штаб за третман на воени заробеници соопшти дека Гориљк бил меѓу 169-те чувари кои биле земени од окупаторските руски сили и транспортирани во Русија преку Белорусија. Се наведува дека 89-мина од овие луѓе сѐ уште се во заробеништво и Русија ги користи за размена за руски војници.