Уште не е познато дали Урсула Фон дер Лајен, шефицата на Европската Комисија ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, бидејќи таквата средба не е официјално во нејзиниот план на посети, дознава Телма. Тоа што е најавено е дека вечерва таа ќе има средба со претседателот Стево Пендаровски, а со премиерот Димитар Ковачевски ќе се видат во текот на утрешниот ден.
Во план е и посета на фабрика за преработика на овошје и зеленчук во близина на Скопје, фабрика која е финансирана со европски пари од програмата ИПАРД. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера од Брисел за МИА изјави дека освен за дополнителните средства од Унијата за Македонија на средбите ќе се разговара и за уставните измени. Дали шефицата на ЕК ќе обзнани детали од плановите на ЕУ за Западен Балкан?
Вчера Христијан Мицкоски порача дека очекува Фон дер Лајен да дојде „со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ“.
– Очекувам претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен да излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ, иако сум свесен за многу недостатоци коишто ги имаме на домашен план, поради неработењето на корумпираната Влада на СДСМ и ДУИ. Ценам дека на тој начин ќе се оддаде признание и на државата и на граѓаните за сето она коешто го направија изминативе 23 години, од првиот ден кога беше потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, и ќе се оддаде признание и почит кон сите понижувања и омаловажувања, кои што мораше граѓаните да ги издегистираат, од промената на националното знаме па сѐ до насилната промена на Уставот и уставното име – рече денеска Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање по средба со стопанствениците од Општина Петровец.
Мицкоски е на ставот дека очекува вакво признание од Урсула фон дер Лајен, посочувајќи дека „иако малку го почитува овој народ и држава, тоа е најмалку што може да направи“.
По Македонија Фон Дер Лајен треба да замине за Косово, по што ќе ги посети Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.