Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на социјалните мрежи ги критикуваше шефовите на разузнавањето во земјата, велејќи дека тие не го предупредиле дека Хамас планира напад на 7 октомври.
Но, подоцна ги повлече своите коментари и се извини. Ова предизвика лавина од коментари. Дел од луѓето во Израел се гневни за тоа што нивниот премиер не презема одговорност за тоа што разузнавачите не откриле навреме дека Израел ќе биде нападнат.
Што напиша Нетанјаху пред да ја избрише објавата во 1 по полноќ по локално време?
„Премиерот Нетанјаху во ниту еден момент и во ниту една фаза не беше предупреден за воените намери на Хамас“.
Околу десет часа подоцна, Нетанјаху напиша: „Згрешив“, додавајќи дека неговите забелешки „не требало да бидат дадени и се извинува за тоа“.
„Им давам целосна поддршка на сите шефови на безбедносните единици“, се вели во објавата.
Првичните коментари на Нетанјаху веднаш беа критикувани од сегашните и од поранешните сојузници, вклучувајќи го и Бени Ганц, поранешен министер за одбрана, кој сега е во воениот кабинет на Нетанјаху. Ганц рече дека Нетанјаху треба да го повлече она што го кажа и да остави работата да згасне.
Портпаролот на израелската војска, запрашан за коментарите на Нетанјаху за време на дневниот брифинг, одби да одговори, велејќи: „во моментов сме во војна и фокусирани сме на војната“.